Спектакли во Лига на шампиони: Милан и Реал Мадрид ги одбранија домашните терени

Фудбалерите на Милан го совладаа Наполи со 1-0 во сеиталијанскиот прв дуел од 1/4 финале на Лига на шампиони. Елиф Елмас го одигра цел меч, играше во шпицот од нападот како најистурен во отсуство на првиот стрелец Виктор Осимен и погоди пречка па за малку не го матираше Мењан.

Наполитанците на „Сан Сиро“ во Милано истрчаа со отворен гард, без намера да се бранат, онака како што играат цела сезона, во формација која им донесе неверојатни резултати.

Вечерва уште во 57-ма секунда на самиот почеток имаа огромна шанса за да го отворат резултатот, но ударот на Кваратцхелија од гол линија ја извади Круниќ.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас играше главна улога во самиот шпиц од нападот како најистурен и имаше неколку добри моменти, а погоди и пречка со глава во најзрелата шанса за неговиот тим.

Од друга страна Милан иако немаше решение на пресингот на Наполи во првите триесетина минути, се чини искористи еден рецепт од тренерот Пиоли, па по примерот од „Сан Паоло“ пред неколку дена кога го згромија Наполи со 0-4, така и вечерва се потпреа на брзи полуконтри и контри.

Такво нешто им појде од нога во 40' минута кога после прекрасно додавање од Браим Диаз, Леао го пронајде Исмаел Бенасер кој погоди за луда еуфорија и ерупција на преку 75.000 навивачи на Милан.

Во вториот дел Наполитанците се обидоа повторно преку пресинг побрзо да ја освојат топката и да креираат нешто пред голот на Мењан, но Милан одлично се одбрани. Проба Лучано Спалети со четири измени во вториот дел да освежи но росонерите го сочуваа водството, а во тоа им помогна и Ангиса кој доби црвен картон во 75' минута.

Сепак Наполитанците не се предаваа и во 87-ма минута имаа неверојатна шанса преку капитенот Ди Лоренцо на кого Мењан му одбрани чист гол и ја одби топката во корнер.

Реваншот е за една недела на „Сан Паоло“ каде се очекува неверојатен амбиент од навивачите на Наполи.

РЕАЛ МАДРИД - ЧЕЛСИ 2-0 (1-0)

Фудбалерите на Реал Мадрид го совладаа Челси со 2-0 во првиот меч од 1/4 финалето одигран на „Сантијаго Бернабеу“.

„Кралевите“ беа подобар ривал во текот на целата средба во Мадрид а последните половина час ги играа со игач повеќе по црвениот картон на бекот на Челси Бен Чивел.

Реал дојде до предност во 21' минута преку Карим Бензема кој искористи една одбиена топка по шутот на Винисиус.

Челси од 59-та минута мораше да игра со играч помалку откако Бен Чилвел грубо стартуваше над Родриго и доби директен црвен картон.

Реал ја искористи играчката предност и во 74' минута зголеми на 2-0 преку Марко Асенсио на асистенција на Винисисус. Реваншот се игра за една недела во Лондон.

12 април 2023 - 23:01