
Ханси Флик и денешната Барселона дефинитивно го имаат правиот рецепт за Реал Мадрид. Барселона најпрво во првиот дел од сезоната го разби „кралскиот клуб“ со 0-4 среде „Сантијаго Бернабеу“.
Реал Мадрид не знаеше што го снашло ниту во финалето на шпанскиот Суперкуп во јануари кога Барса ги декласираше со 5:2.
Синоќа, на стариот и култен стадион „Картуха“ во Севиља кој во последно време заживеа со настапи на шпанската репрезентација, вечните ривали одиграа финале кое ќе се памети.
Стартот на големото финале на Копа дел Реј (Кралски Куп) мина во целосен знак на избраниците на Ханси Флик кои напаѓаа постојано, вршеа притисок на половина на Реал Мадрид и создадоа неколку шанси за гол.
Куртоа го чуваше својот гол се до 28-ма минута кога не можеше ништо. Децата на Барселона одиграа шах-мат акција. Прво младиот 17-годишен Пау Кубарси одлични скрати еден напад на Реал, го проигра Ламин Јамал со одлична топка а овој само му ја намести „на тацна“ на Педри кој од 20 метри постигна прекрасно голчиште:
После голот Барселона не спушти гас а до крајот на првиот дел имаше уште неколку шанси.
Реал Мадрид одигра далеку под своето ниво а единствена шанса во првите 45 минути им беше ситуацијата кога им поништија гол поради очигледен офсајд на Винисиус.
Карло Анчелоти на полувреме реши да го внесе Килијан Мбапе кој наводно не бил доволно спремен но Французинот брзо покажа зошто е светска класа и еден од најдобрите центарфори на денешницата. Прво внесе голема енергија во екипата, дојде како освежување и со неколку брзи продори ги крена навивачите на Реал Мадрид.
Во 68-ма минута Мбапе сам се избори за слободен удар а потоа самиот постигна прекрасен гол од истиот за 1-1:
Тоа дојде како шок за Барселона а „кралевите“ тоа го искористија и само седум минути подоцна по еден корнер на Арда Ѓулер, Орелијан Чуамени погоди со глава од петерецот за пресврт 1-2:
Но онолку време колку што му требаше на Реал да направи пресврт, и требаше на Барселона да се крене и да израмни. Ламин Јамал со уште една чудесна, магична асистенција го пронајде Феран Торес кој истрча во контра а по катастрофална проценка на Тибо Куртоа без потреба да го напушти својот гол, Реал прими погодок за 2-2 и лудница меѓу навивачите на Барса:
Натпреварот заврши 2-2 во основниот дел. Се прејде на продолженија, а таму прво една сомнителна ситуација кога Раул Асенсио наводно го фаулираше Рафиња, судијата Бенгочеа досуди пенал но по прегледана ВАР снимка, го поништи пеналот и му даде жолт картон за глума на Рафиња.
Кулминација на финалето имаше во 116-та минута од продолженијата кога по една грешка на Лука Модриќ и лошо додавање кон Браим Дијаз, францускиот бек Жил Кунде распали од 20-ина метри и постигна прекрасен гол за конечен триумф од 3:2 и втор пехар за Барса во сезоната после оној во Суперкупот.