
Лучано Спалети првата прозивка ќе ја има на 3-ти септември во базата на репрезентацијата во Коверчано. Италија на 9-ти септември гостува во Скопје на меч со Македонија, а само три дена подоцна во Милано игра со Украина во квалификациите за Еуро2024.
Доскорешниот тренер на Наполи веќе го одбрал и стручниот штаб односно помошниците кои ќе бидат со него на клупата.
Се работи за луѓе кои речиси цела кариера се со него каде и да одел, од Удине преку Рим до Санкт Петербург, Венеција и Анкона, Милано и Неапол.
Десна рака ќе му биде Марко Доменикини, 65-годишен тренер кој цели 26 години му е помошник на Спалети уште откако станал тренер на Емполи во сезоната 1995/1996.
На клупата до Спалети ќе седи и помошникот тренер Даниеле Балдини, 59-годишен од Фиренца кој уште од времето кога Лучано бил тренер на Емполи, тој бил одбранбен фудбалер, а заедно на клупата се од 2005-та кога Спалети ја презеде Рома на Тоти.
Ново лице во стручниот штаб на Италија ќе биде и Салваторе „Саса“ Русо од Салерно кој со Спалети исто е од времето кога овој бил тренер на Емполи.
Кондиционен тренер кој ќе ги спрема репрезентативците е Франческо Синати кој му помага на Спалети од пред пар години односно во Наполи каде прво дошол со Маурицио Сари. Задолжен за спремноста на играчите ќе биде и Франко Ферини кој повеќе од 20 години работи како кондиционен тренер а со Спалети е од времето на ИНтер.
Со голманите на Италија ќе работи Марко Саворани, 58-годишник од Рим кој и самиот на времето бил голман во младинците на Рома па станал тренер на голманите во „римската волчица“ во 2016 и 2017. Едно време бил и во Тотенхем со Конте (две години) а од сезонава работел со голманите на Фиорентина па паралелно ќе биде и во репрезентацијата.
Друг член на стручниот штаб ќе биде Алесандро Пане исто од Тоскана, родниот крај на Лучано Спалети кој бил и селектор на репрезентацијата У-19.
Луѓе задолжени за скаутирање на ривалите ќе бидат Марко Манучи и Ренато Балди.
Легендарниот Џанлуиџи Џиџи Буфон кој од неодамна беше поставен за директор на репрезентацијата исто ќе допатува во Скопје овојпат во нова улога. Џиџи е рекордер по бројот на настапи за Италија (176). Од репрезентацијата се повлече во март 2018-та по пријателската со Аргентина во Манчестер.
Култниот Габриеле Ориали кој 9 години беше тим-менаџер на репрезентацијата си заминува по авантурите со Вентура и Манчини.
Лекарскиот тим на Италија ќе биде составен од докторите Анџело Де Карли и Кармине Костабиле, физиотерапевти Мауро Доими, Фабио Санино, Емануеле Рандели, Фабрицио Скалци и Валтер Мартинели, нутриционистот Матео Пинчела и секретарот Емилијано Коци.