Новиот стратег на Наполи ги запали моторите пред новата сезона во Серија А, а според неговите многу надежни и преубави зборови, веројатно Елиф Елмас ќе го гледаме во стартните 11.
Спалети заедно со Зјелински и Политано беа дел од настан организиран со присуство на навивачи кои поставуваа прашања, а едно се однесуваше на Елмас.
Навивачот побара објаснување од италијанскиот стратег, бидејќи не можел да ги разбере карактеристиките на Македонецот. Спалети му одговори детално и го испофали нашиот фудбалер.
„Не можете да ги разберете неговите карактеристики бидејќи ги има многу. Елмас е динамичен играч, кој успева да се снајде добро на повеќе позиции. Понекогаш во животот не е заслуга да се знаат од сите работи по малку, бидејќи на крајот се прават многу грешки, но тука веројатно се соочуваме со феномен. Можеби се потпира малку повеќе на неговата способност за трк и издржливост и како што кружи на терен губи дел од квалитетот. Но кога некој ја нема таа сила и волја што ја има тој, тоа станува проблем.
Елмас е важен играч и ќе ни биде од голема корист, а неговата најпрецизна позиција треба да е играч од среден ред, бидејќи знае од сè по нешто. Играчите од средина треба да се поврзани со топката, а тој е многу поврзан. За да се одигра одличен натпревар доволни се 2-3 магични додавања, a за шампионски натпревар потребни се 90 минути внатре со тимот и блиску до топката. Тој во случајов е шампион“, заврши Спалети.
Според пишувањата на италијанските медиуми, Елмас со Спалети може да добие важна улога во тимот, бидејќи поседува карактеристики за играта која тој ја практикува во формација 4-2-3-1.
Останува да се види дали би играл во триото играчи од среден ред веднаш зад шпицот или поназад.