Спалети доби отказ од Италија, останува уште вечерва па доаѓа нов селектор

Италија претрпе дебакл во Норвешка (3:0) во својот прв меч од квалификациите за Светско првенство 2026. Цената ја плаќа селекторот Лучано Спалети кој веќе добил отказ од претседателот на фудбалскиот сојуз на Италија Габриеле Гравина кој бил бесен и рекол дека начинот на кој е изгубен тој меч е неприфатлив.

„Не ми се допаѓа ова што се случи со оглед на односот кој веќе го имаме, немав апсолутно никаква намера да поднесам оставка. Посебно не кога работите одат добро, повеќе би сакал да останев и да си ја работев работата. Но ова е отказ и морам тоа да го прифатам. Отсекогаш оваа улога ја гледав како улога во служба на татковината и сакам да и олеснам на репрезентацијата во иднина. Мислам дека е исправно да се бара најдоброто. Ќе бидам тука само уште со Молдавија“, рекол Спалети кој на клупата на Италија седна во август 2023 кога го смени Роберто Манчини.

Некогашниот тренер на Рома и Интер со Италија забележа 11 победи, шест ремија и шест порази.

Спалети успеа да ја одведе Италија на Евро 2024 но таму испаднаа во осминафинале од Швајцарија. После тоа аѕурите изгубија и во четвртфинале на Лига на Нации од Германија.

Сега како нов селектор на Италија тамошните медиуми ги споменуваат Клаудио Раниери и Стефано Пиоли.

9 јуни 2025 - 13:58