Скопјани кои навивате пасивно за Вардар погледнете како се сака Хајдук

Не треба во никој случај да влегуваме во непотребни компарации со клубови од Премиер или Бундеслига. Доволно е само да се фрли око во регионот за да сфатиме до кај сме ние и колку сме назад.

ФК Вардар во тандем со Комити како единствени сопственици во моментов, ја бијат една од најмачните битки што ја имал македонскиот бренд во историјата.

Потрага по стабилни спонзори за нормално функционирање и опстанок на клубот кој ќе биде конкурентен во првата лига и со тек на време ќе се врати и на шампионските патеки. 

Додека речиси еден месец ја спроведуваат големата акција со продажба на членски карти, која поради пасивноста на Скопјани оди бавно, да видиме како е во Хајдук.

Зборуваме за довчерашен противник на Вардар во југословенската конкуренција, клуб од наш регион, без да одиме подалеку.

Што е разликата?

Хајдук обновува или нуди прво членство, што е редовна пракса на секој клуб, а Вардар прави голема акција на некој начин за спас на клубот, односно финансиска помош на која глуви се од држава, град па сè до бизнисмени, фирми, компании, легенди на клубот.

Членските на хрватскиот клуб служат за прв да дојдеш до карта за натпревар и до ексклузивни производи, како и за попусти на купување годишна влезница, во фан и веб шоповите, фотографирање на стадионот Пољуд по повод венчање, па дури и учество на избори за бирање на членови на Надзорен одбор.

Чинат 20 евра, а за лица до 18 години и над 65 години изнесуваат 10 евра, плус има попусти и за семејни членски. Членска од Хајдук може да се извади дури и за новороденче.

Членските пак кај Вардар се уствари сезонски билети и чинат 1.000 денари. Никаде во свет нема таква понуда, да можеш за некои 16-17 евра да ги изгледаш сите домашни натпревари на твојот омилен клуб.

Какви се резултатите?

Вардар во првите 24 часа успеа да собере 500.000 денари, а четири дена по стартот на акцијата стигна до 1 милион. Што е премалку, ако се пресмета дека тоа се само 1.000 продадени членски. Од тогаш немаат пуштено известување како им оди.

Хајдук годинава има собрано 1,3 милиони, ама евра. Тоа се 84.149 членски карти. Неверојатни резултати и неверојатна верност кон клубот, особено ако се знае дека Сплит има 161.312 жители. Што значи нешто над пола град поседува членска од Хајдук.

Според последниот попис пред две години, Скопје има 526.502 жители, а прашање е дали до сега успеал да го распродаде пола стадион.

Градски има капацитет од 33.000 седишта, што значи дека само околу 6-7% од вкупното население на Скопје треба да купи членска од Вардар за да се исполни стадионот.

Со тоа не само што ќе имаат можност да го бодрат клубот на секој домашен меч, туку ќе му помогнат, ќе му дадат нова надеж, поддршка од трибините, како и финансиска. 

Ако Скопјани кои навиваат за Вардар само на збор или на Фејсбук, се одлепат од тастатура и ги отворат малку чакрите дека тоа е брендот на градот со 11 титули, кој ни ја донесе за прв пат Лигата на Европа во Македонија, клубот може да дојде до доста фини резултати.

33.000 продадени сезонски карти за Вардар се финансиска инјекција од 33 милиони денари или 536.000 евра.

Ако може пола Сплит, зарем не може да се разбуди барем мал дел Скопје со илјадарче? Ќопави да не сме?

31 јули 2023 - 13:41