Скандалите носат титули за Италија

Репрезентацијата на Италија во екот на подготовките за Европското првенство беше потресена од голем обложувачки скандал. Но тоа не треба да ги загрижува многу. Италија два пати стана светски шампион откако претходно беа откриени скандали со наместени натпревари.

Нема крај на скандалите со наместени натпревари во Италија. Новото продолжение на акцијата „Скомесополи" не ја заобиколи ниту италијанската репрезентација. Минатата недела полицијата ја пребара собата на Доменико Кришито во тренинг базата на Италија, по што тој веднаш беше отстранет од тимот кој ќе патува на Европското првенство.

На испрашување беше повикан и голманот Џанлуиџи Буфон, како и тренерот на актуелниот шампион, Антонио Конте.

Но овие скандали не се ништо ново за Италија, а ако се повтори историјата, последниот скандал со наместени натпревари не само што нема да ја наруши атмосферата, туку би требало да биде дополнителна мотивација за Италија да стигне до титулата на Европското првенство.

Скандал „Тотонеро" - 1980 година

Првиот голем обложувачки скандал во Италија беше откриен во 1980-та година. Двајца римски бизнисмени кои биле блиски со неколку фудбалери на Лацио признаа дека ги поткупувале играчите и учествувале во местење на натпревари.

33 фудбалери беа испрашувани, а уапсен беше и претседателот на Милан. Лацио и Милан беа исфрлени во Серија Б, а многу фудбалери заработија суспензии. Најпознато име вклучено во овој скандал беше репрезентативецот Паоло Роси кој беше суспендиран на три години.

Но суспензијата на Роси беше скратена и тој доби право да настапи за Италија на Светското првенство во 1982-та година во Шпанија.

Италија стигна до шампионската титула совладувајќи ја Западна Германија во финалето, а местачот Паоло Роси беше најдобар стрелец на првенството со шест голови.

Скандал „Калчополи" - 2006 година

Најголемиот скандал со наместени натпревари во историјата на фудбалот изби во 2006-та година откако беа откриени прислушкуваните телефонски разговори на генералниот директор на Јувентус, Лучиано Моџи.

Милан, Фиорентина, Лацио и Реџина заработија парични казни и одземање на поени, а Јувентус беше исфрлен во Серија Б.

Потресени од големиот скандал, репрезентативците на Италија беа испратени на Светското првенство во Германија со огромен песимизам.

Но избраниците на Марчело Липи во текот на целото првенство примија само два гола, во полуфиналето го елиминираа домаќинот Германија и ја освоија титулата совладувајќи ја Франција во финалето по изведување на пенали.

Титулите од Светските првенства во 1982 и 2006 се последни успеси за Италија, а и двете титули беа освоени откако италијанскиот фудбал беше потресен од големи скандали со наместени натпревари. Преостанува да видиме дали историјата ќе се повтори и по скандалот „Скомесополи" можеби Италија ќе го освои Европското првенство оваа година.

4 јуни 2012 - 11:31