Сити се сопна кај Свонси, Јунајтед повторно лидер

Екипата на Свонси им ги наруши плановите на Манчестер Сити и неочекувано победи со 1:0, а градскиот ривал Јунајтед тоа најдобро го искористи и со триумфот над ВБА од 2:0 се врати на лидерската позиција во Премиер лигата.

На десет кола пред крајот, ривалите од Манчестер најавија неизвесен финиш на сезоната и интересна битка за титулата во англиската Премиер лига.

Најпријатното изненадување за оваа сезона, велшкиот клуб Свонси, повторно изненади. Тие се познати како добри домаќини, но малку кој очекуваше дека токму Манчестер Сити ќе потклекне на овој натпревар и тоа по поразот во Лига Европа.

Домаќините можеа да дојдат во водство уште во седмата минута кога Џо Харт го фаулираше Рутлиџ во шестнаесетникот и судијата покажа на белата точка, но голманот ја поправи својата грешка и му го одбрани ударот на Синклер.

„Ладниот туш" за „граѓаните" се случи на седум минути пред крајот кога Рутлиџ нафрли од десната страна, а резервистот Лук Мур со глава ја затресе мрежата на Манчестер Сити. Гостите напаѓаа до крајот, а им беше поништен и гол заради офсајд, но не успеаја да се спасат од пораз и ги оставија бодовите во Велс.

Манчестер Јунајтед го совлада Вест Бромвич Албион и се врати на врвот на табелата благодарение на одличната форма на Вејн Руни.

Руни на последните шест натпревари постигна девет голови, а два од нив ги постигна на денешниот натпревар против ВБА и му ја донесе победата на својот тим.

ПРЕМИЕР ЛИГА - 28. КОЛО

недела:
Манчестер Јунајтед - Вест Бромвич Албион 2:0
Руни 35, 71п

Свонси - Манчестер Сити 1:0
Мур 82

Норич - Виган 1:1
Хулахан 10 - Мозес 68

понеделник:
Арсенал - Њукасл 21ч

сабота:
Болтон - Квинс Парк Ренџерс 2:1
Пратли 37, Класниќ 86 - Сисе 47

Сандерленд - Ливерпул 1:0
Бендтнер 56

Вулверхемптон - Блекбурн 0:2
Хоилет 43, 69

Астон Вила - Фулам 1:0
Вејман 93

Челси - Стоук 1:0
Дрогба 68

Евертон - Тотенхем 1:0
Јелавиќ 22

11 март 2012 - 17:56