Сити на 102-годишен навивач му ги донесе сите три најважни пехари

Во сè потопло лето кога кулминира трансфер преодниот рок, од Манчестер наместо за нови астрономски засилувања, ни стигнува една убава приказна. Сити решил да направи мала тура на своите три пехари од историската тројна круна и да ги однесе на гости кај свои верни навивачи.

Навивачите на Манчестер Сити можат да се пофалат дека навиваат за најдобрата екипа на светот во моментов. Тим кој ги освои најважните трофеи во сезоната и влезе во вечноста со ретка тројна круна.

Тоа било причина за радост и на највозрасните, оние кои го следат клубот уште од дамнешни времиња, кога бил просечен тим во манчестерското индустриско сивило. Сонот им се остварил после децении.

Прва станица за вредните пехари од Лига на шампиони, од Премиер лига и од ФА Куп бил дом за стари лица во Манчестер. Таму живеел 102-годишниот Џефри Ротбанд, највозрасниот навивач на клубот кој ги бодри сините уште од далечните 1920-ти години!

Во посета на Џефри Ротбанд покрај луѓето од Сити дошло и најблиското семејство, да го овековечи овој момент. Џефри израснал неколку поколенија навивачи на Манчестер Сити.

Тој ги памети речиси сите титули во историјата на Манчестер Сити освен најпрвата, онаа во ФА Купот во далечната 1904-та.

„Благодарам Ман Сити што му подаривте на дедо ми среќа. Да му се донесат сите пехари во дом за стари лица во пресрет на неговиот 103-ти роденден следниот месец... тоа е нешто неверојатно! Навивачите слават заедно. Ние сме семејство“, вели син му на Џефри.

Сити донел голема радост и во семејството на 83-годишниот Џим Долан. Пред шест недели Џим доживеал мозочен удар. Поради тоа не отпатувал на големото историско финале на Лига на шампиони со Интер. Му го дал син му кој не следел многу фудбал но во чест на татко му отишол во Истанбул.

Џим постепено оздравувал и закрепнувал, а Сити не можел а да не исправи една голема неправда и ги донел пехарите кај Џим Долан дома.

„Имам сезонска карта од 14 години. Првата карта ја купив од 1974-та година. Се вработив година дена претходно и лажев за мојата возраст за да заработувам една фунта неделно. Така заработив сезонска карта за стариот „Мејн Роуд“.

Пред последниот меч сезонава се чувствував лошо. Мислевме дека е коронавирус но на крајот бил мозочен удар. После неколку дена отидов на офтамолог. Ме пратија во болница. Животот ми се смени. Ги изгледав последните пет минути од финалето на ФА Куп. Ми беше лошо но го гледав финалето Лига на шампиони. Тоа не можев да го пропуштам. Просто не можев! А сега трофеите од ЛШ стојат пред мене во кујна. Такво нешто во мојот живот нема да се повтори“, блескал од среќа Џим.

12 јули 2023 - 09:42