Сите зборуваат за чудото Болоња и изненадувањето Тиаго Мота

Болоња ја совлада Рома на Жозе Мурињо со 2:0 и стигна до зона во Лига на шампиони, место кое со децении не го виделе ни од близу. Во Серија А разочара Лацио кој е во долниот дел од табелата како и Аталанта, а во топ на врвот ги нема Рома и Наполи.

Со шпанска Жирона, лидер во Ла Лига и со Астон Вила на Унаи Емери во Премиер лига, Болоња е најголемо изненадување во Топ5 лигите. 

Жозе Мурињо нема на што да се жали после поразот на Рома во Болоња. Неговиот тим имаше повеќе удари кон противничкиот гол, не дозволи ниту еден корнер пред својот гол, но на крај изгуби со 2-0. Првиот погодок за Болоња го постигна Никола Моро кој до сега постигна два гола, против Удинезе исто во првенство и против Верона во Купот.

Болоња игра сјајно цела полусезона. Помалку порази сезонава има само неприкосновениот лидер Интер и Јувентус. Болоња загуби во првото коло од Милан и во ноември од Фиорентина. Меѓу тие два натпревари имаат серија од дури 10 меча без пораз!

Болоњезите одиграа 0:0 со шампионот Наполи, 2:2 со Интер, го победија Лацио 1:0 и ја победија Рома 2:0.

Главниот тренер Тиаго Мота е втора сезона по ред на клупата на Болоња. Во мај месец годинава, минатата сезона ја завршија на 9-то место. Интересно, според параметар на посед на топка се во топ5 во Серија А, а меѓу последните со удари кон противничкиот гол.

Болоња во моментов е четврта на табела со 28 бода, пред Наполи, Фиорентина, Рома... Градот и навивачите сонуваат Европа, а големите клубови веќе го пишаа во бележникот Тиаго Мота, некогашниот фудбалер на Интер и Барселона кој имаше блескава и трофејна кариера.

Треба да се напомене и дека „римската волчица“ на овој меч беше значително ослабена без повредениот Пауло Дибала и казнетите Лукаку и Залевски поради картони.

„Јас зборував уште од почеток: навивачите имаат право да сонуваат, а ние имаме право да направиме се што е во наши сили и токму тоа и го правиме“, изјави тренерот на Болоња Тиаго Мота кој за убавиот фудбал кој го играат со него вели:

„Да, можеби играме убав фудбал. Момците секогаш даваат се од себе, од прв ден до денес и секогаш се трудат да напредуваме и да ги надминеме сите потешкотии кои ги имаме и кои ќе ги имаме до крај. Мора да пробаме до луѓето да ја донесеме таа убавина која ја играме на терен“.

МУРИЊО ПАК НАПРАВИ СКАНДАЛ

На мечот Болоња - Рома се случи и една чудна епизода. Жозе Мурињо на старт на вториот дел го стави во игра неговиот сонародник Ренато Санчез кој го замени Леонардо Спинацола. Но по само 18 минути игра го извади и Санчез кој стоеше шокирано зошто баш тој да излезе?

„Сакам јавно да му се извинам на Ренато. Тоа е тешко за фудбалерот но и за тренерот исто. Така сум постапил три-четири пати во кариерата. Не е лесно тоа“, рекол Жозе после мечот.

Ренато Санчез е позајмен во Рома до крајот од сезоната. Со ПСЖ има договор до лето 2027 но во него не веруваат во Париз, а очигледно ниту во Рим. Тој две третини од есенскава полусезона беше отсутен поради повреди за кои јавно зборуваше и Мурињо. 

18 декември 2023 - 09:35