Почнува ЛШ

Сите против Барселона, Барса против историјата

Со натпреварите од првото коло во групната фаза, вечерва започнува 23. сезона на Лигата на шампионите во која никогаш никој не ја одбранил титулата освоена претходната сезона.

Македонската фудбалска сцена во Аријан Адеми сезонава ќе има само еден претставник во елитното друштво. Адеми во дресот на Динамо Загреб утре вечер ќе го пречека Баерн Минхен.
 
Барселона ќе се обиде да стане првиот клуб во 23 години кој успеал да ја одбрани титулата освоена минатиот 6. јуни во Берлин против Јувентус. На тој начин Каталонците ќе се обидат и да го срушат митот дека трофејот секоја година мора да има нов сопственик. Меѓу главните фаворити во ЛШ и годинава се покрај Барса, уште Реал Мадрид, Челси, Баерн, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и ПСЖ.
„Играв со Меси, Роналдо, Руни, а сега со Ибрахимовиќ и верувајте ми дека токму тој е главен адут на ПСЖ за освојување на ЛШ. Ниту во еден сегмент не е послаб од Лионел или од Роналдо. Имаме одличен тим, воиграни сме и се надевам дека ќе успеам да помогнам да го освоиме пехарот“, оптимистично најави Анхел Ди Марија од ПСЖ.

На стартот од сезоната Барса веќе го загуби трофејот во Супер Купот на Шпанија, така што ќе брка четири пехари, но Луис Суарез Верува дека Италија ќе биде среќна за Каталонците како во 2008. година кога во Рим го совладаа Јунајтед.
„Навистина е тешко да го сочувате трофејот, сите сакаат да ви ја скинат главата. Од помалите па до поголемите ривали, затоа што најслатко е да направиш резултат против шампионот. Ги почитуваме сите ривали, но веруваме во себе и поради таквиот став освоивме се што можеше да се освои лани“, изјави Луис Суарез.

Во среда во Рим, Лионел Меси против Рома ќе го одигра јубилејниот 100. натпрвар во ЛШ. Дебитираше во 2004. година и од тогаш до денес постигна дури 77 голови. Има четири трофеи во ЛШ, а пет сезони беше прв стрелец.
 
Финалето по четврти пат ќе се игра во Милано. На 28. мај 2016 на Сан Сиро. На стадионот во Милано веќе се одржаа три финални средби: во 1965, 1970 и 2001 година. Победникот само од УЕФА ќе добие 15 милиони евра, а поразениот 10,5 милиони евра.
 
1. коло - вторник
 
Група А
ПСЖ - Малме (20:45)
Реал М. - Шахтјор
 
Група Б
Волфсбург - ЦСКА
ПСВ Ајндховен - Ман. Јунајтед
 
Група Ц
Галатасарај - Атлетико М
Бенфика - Астана
 
Група Д
Манчестер С. - Јувентус
Севиља - Борусија Менхенгладбах