За секое раководство на Барселона, репутацијата историски била еден од главните приоритети. Девизата Més que un club (Повеќе од клуб) ги обврзува на тоа. Од тој аспект и главниот спонзор на дресовите на Каталонците се појави сосема неодамна и за шест месеци може да се смени.
Жосеп Бартомеу изјави дека натписот Qatar Airways ќе го снема од дресовите поради политички и друштвени мотиви. Во тој поглед, Барселона има долга традиција проблемите да ги решава внатре во колективот. Едно од нештата по кое Барса е уникатна е што е способна да го одржи имиџот на добро семејство. Но сезонава тој систем се сруши.
Можно е таквото нешто да го испровоцирала општата нервоза а за таквата атмосфера се должни резултатите. Што и да е, Барселона влезе во фокусот на неколку медиски скандали а ниту еден од нив не изгледа наивно.
Пике против претседателот на Примера
После судиската свирка за крај на мечот против Виљареал (Меси им донесе бод во ’90-та), Жерард Пике гледаше накај ложата во трибините каде седел Хавиер Тебас и му викал: „Виде ли? Да, да, ти! Виде ли?“
Пике и претходно го критикувал Тебас, но првпат во лице му кажа што мисли. Пике беше бесен поради недосудениот пенал по играта со рака на Бруно Сориано. После мечот, Пике видно бесен ја отвори темата: „Секоја недела судиите ни даваат повеќе поводи за коментари. Сориано играше два пати со рака во својот шеснаесетник, тоа го видоа сите“, кажа Пике пред камерите, а потоа изненадно мораше да се брани кога го прашаа за Маскерано кој исто играше со рака во својот шеснаесетник: „Не можам да си ја исечам раката, споредете ги тие моменти“.
Се огласи и легендата на Каталонците, Карлес Пујол: „Оставете ги судиите на мира. Луѓето често не можат да дојдат до исто мислење за една работа и веднаш се прави настан, тоа е нормално. Просто дајте им на судиите да си ја работат својата работа и оставете ги на мира“. Пујол ова го рекол пред претставници на Барселона.
Секако, судискиот комитет не ги оставил незабележано зборовите на Пике. Тие доставиле две жалби до фудбалскиот сојуз на Шпанија за стоперот на Барса. Интересно е што на следниот меч во Примера против Лас Палмас Пике не играл од непознати причини.
Можеби клубот решил дека му треба одмор?
Претседателот на Примера против Барселона
Но одличниот стопер и репрезентативец не е единствениот на кој му треба одмор. Барселона се суди со Тебас на спортскиот арбитражен суд поради неговата изјава после инцидентот со шишињата на „Местаља“ кога пред крајот на мечот Валенсија - Барселона при прослава на голот на Каталонците од трибините долета шише со вода.
Валенсија за тоа доби казна од 1.500 евра и предупредување, а претседателот на Примера, Хавиер Тебас изјави: „Паднаа како кегли. Не сакам такви работи. Јас би се срамел да се вратам дома после таква глума“.
Тебас одби да се извини за ова а двете страни и натаму се далеку од дипломатија и компромис. Малку е веројатно дека на Барса и одговара да биде во епицентарот на вниманието поради конфилкт со шефот на шпанската лига, но реалноста е таква што клубот не може да престане и се конфронтира во полна пареа.
Меси против продолжување на договорот
Или за. Тој никако да се определи. Понудата за нов договор стои веќе шест месеци, но и покрај тоа шарлатански делуваат сите гласини за Кина или Манчестер Сити. Можеби и овие банални гласини се обид на клубот да се изврши притисок на најдобриот играч во историјата на клубот.
Од друга страна, Реал Мадрид новиот договор со Кристијано Роналдо го потпиша буквално една недела пред првата вест за преговорите за договорот. Можеби цинично, но ефектно.
Барселона против Барселона
„Победата не е толку заслуга на Лео. Тој не би бил така величествен без помош на соиграчите - без Иниеста, Нејмар, Пике и другите. Евидентно е дека е најдобар со нив“, така ја прокоментирал победата над Атлетик Билбао Пере Гратакос, заменик директор за институционални односи кој го тренирал Меси во Ла Масиа и го знае Аргентинецот од детството.
Во однос на овие зборови, читателите сами може да судат дали се навредливи за фудбалерот. Иако изгледа сосема вообичаена и коректна фраза во целиот фудбалски свет, во Барселона мислат поинаку.
Можеби раководството на клубот се нервира поради сагата со договорот на Меси или поради отворениот судир со претседателот на Примера кој е навистина моќен непријател, или пак за позицијата на табелата... Причини има многу.
Реакцијата на изјавата на Гратакос е необјаснива. Тој е сменет од должноста со формулација „за јавно изразено мислење коешто не се поклопува со ставот на клубот“?!