Што правеше Адеми последниве две години за да се одржува во форма

Тоа што беше суспендиран од УЕФА да не може да настапи на ниту едно натпреварување, не значи дека го фрли во депресија да седне и да везе гоблени, туку му се отвори слободно време да се усоврши во уште еден спорт кој никогаш не би го погодиле.

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми во изминативе две години станал мајстор за падел. Се работи за спој на тенис и сквош кој може да се игра и кај нас во спортскиот центар Јане Сандански.
 
Падел се игра во двојки, палките се без жици, а наликува на сквош бидејќи топчето се користи и откако ќе удри во ѕидот. Главната разлика со тенисот е во тоа што терените се оградени со стаклени ѕидови кои се дел од играта.

Адеми заедно со уште тројца првотимци на Динамо Загреб неодамна присуствуваше на Загребскиот саем каде беше одбележана Европската недела на спортот и пред околу 300 деца од основни училишта ги демонстрираше своите вештини во овој спорт кој потекнува од Мексико.
 
Сега ќе видиме што правел Адеми последниве две години, рекле децата и имале што да видат. Адеми редовно играл падел, бил физички спремен, технички поткован и далеку подобар од своите клупски колеги. Со други зборови тој станал професор по падел.

Аријан Адеми кој е член на Динамо Загреб од 2010-та година, роден е во Шибеник и има три настапи за Хрватска на пријателски средби, но откако селекторот Нико Ковач не го стави на список за Мундијалот во Бразил, реши да игра за Македонија од каде има потекло.
 
Дебитираше на квалификацискиот натпревар против Луксембург на 9 октомври 2014-та, а на 7 октомври 2015-та Динамо Загреб соопшти дека паднал на допинг тест по триумфот над Арсенал во ЛШ.

УЕФА го суспендираше на 4 години, но по жалбите на неговиот клуб, казната му беше преполовена.
 
Поубав кам бек во Македонија не можеше да посака.
10 октомври 2017 - 13:11