Македонскиот Меси се врати со голчиште и заплака

Хрватските медиуми не штедат зборови за голот на Аријан Адеми кој по својата соло акција против Лихтенштајн се виде дека е ненаигран фудбал. Честитки за мајсторијата пристигнаа и од Динамо Загреб.

По две години пауза поради суспензијата од УЕФА за допинг, Аријан Адеми на синоќешниот последен квалификациски меч го облече репрезентативниот дрес на Македонија.
 
Селекторот Ангеловски во 63-та минута од игра го извади капитенот Пандев и му даде простор на фудбалерот од средниот ред кој го искористи на најдобар можен начин. По само 5 минути на терен направи слалом во шеснаесетникот на Лихтенштајн и го дотолчи противникот за конечни 4:0.
 
Моментот за него беше доста емотивен, сите репрезентативци му се фрлија на честитки, а тој заплака од радост. Хрватскиот портал 24сата го величи македонскиот репрезентативец со спектакуларен наслов.

А за кам бекот со гол му честитаа и од неговиот клуб, Динамо Загреб.

„Ова е посебен момент за мене, преполн сум со емоции. Никогаш не бев виновен за тоа што се случи, а сега погодокот го прославив со солзи. Сакам да му се заблагодарам за селекторот Ангеловски кој веруваше во мене и кој ме викна и покрај тоа што не сум играл долго време. Благодарност до Пандев и сите играчи од репрезентација кои ме дочекаа со отворено срце. Благодарност и до цела македонска спортска јавност и навивачите во Струмица. Ова многу ми значи. Оваа репрезентација има срце, но и квалитет за поголеми резултати. Тоа го докажавме во Италија и убеден сум дека тоа ќе го докажеме и во следниот квалификациски циклус“, изјави Адеми по мечот.