Што му текна на Баерн Минхен да се реши за Компани?

Баерн Минхен за првпат во својата славна клупска историја не можеше да најде асален тренер, односно немало едногласни одлуки во управата за дури 9-10 одлични стратези од кои пак некои во моментов процениле дека им е подобро таму каде што се.

На крајот од февруари после низа слаби резултати, испаѓање од Куп од третолигаш, губење чекор со Леверкузен во трката за титулата, Баерн Минхен реши да го раскине договорот со Томас Тухел односно споразумно се договорил со тренерот по крајот на сезоната тој да замине.

Во меѓувреме Баварците тргнаа во потрага по многу имиња, но од многумина добиле: „Не, фала“. За некои од нив имало и несогласувања во управата.

Прво тргнаа по Чаби Алонсо, кој реши да остане во Леверкузен, после по Јулијан Нагелсман кој е селектор на Германија и не сакал да се врати во Баерн, ги одбил и Ралф Рагник, па по ред и Зинедин Зидан, Ханси Флик, Оливер Гласнер, Роџер Шмит.

Едно време Баерн помислувал и да продолжи со Тухел но и тука не се нашле.

Во управата на Баерн има двајца формални спортски директори: Макс Еберл и Криштоф Фројнд, и главните луѓе од горе: Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге. Овие четворица не секогаш се на иста линија.

Најтрофејниот германски колектив не е толку единствен ниту кога трансферите се во прашање, па очигледно е од преоден рок во преоден рок дека има нешто што не штима. Пример во летниот преоден рок лани 2023-та готови беа да договорат се со Португалецот Жоао Палиња кој дури и се сликаше со дрес на Баерн но трансферот не се испостави. Зимава го бараа стоперот на Џенова, Романецот Раду Драгушин но тој на крај отиде во Тотенхем.

Нешто не е како треба во раководството на Баерн.

ЗОШТО ВО УПРАВАТА НА БАЕРН НЕШТО НЕ ШТИМА?

Ули Хенес и Румениге, едни од најголемите легенди на клубот, не можат да ја остават власта во клубот а во истовреме не се доволно храбри да носат одлуки во прво лице и сами да одговараат пред навивачите и јавноста.

Затоа се поставени директорите (прво Фројнд, па после Еберл) кои наводно треба да го спроведуваат спортскиот дел, но ниедна одлука не е можна без согласност на Румениге и Хенес. Тие ја наметнуваат својата воља.

Ако нешто тргнува на криво, тогаш на удар е спортскиот сектор. Од Баерн Минхен беа отпуштени претходно спортскиот и извршен директор Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ кои беа виновни за слабите резултати на клубот.

СОМНЕЖ ВО КАНДИДАТУРАТА НА КОМПАНИ

Венсан Компани има 0 искуство со работа во големи клубови. Тој во кариерата оствари голем успех со Барнли кого од втората англиска лига Чемпионшип го внесе во Премиер лига, но и брзо испадна после само една сезона.

Во Бундеслига неодамна тренер на Гладбах стана уште еден крал од Чемпионшип лигата, Даниел Фарке кој доминираше во англиската втора лига но во Бундес заврши очајно. Станува збор за две сосема поинакви лиги, амбиенти, начин на игра итн.

Втор сериозен сомнеж за Компани е неговиот играчки стил. Тој верува во доминантен напаѓачки фудбал но тој се коси со идејата на Баерн „да го дави противникот“ со пресинг. Венсан уште нема тактичка длабочина и неретко немал план Б. Тоа често ги води тренерите во наивна карикатура на теренот.

На крајот од денот тој и не бил тренер каков што посакувале, но после многу откази од други стручњаци, се решиле за него. Притоа Баерн за него морал да плати и обештетување од 12 милиони евра кон Барнли.

Договорот на Белгиецот со Баерн Минхен е на три години - до 2027. Не ли е ова многу, прашуваат стручњаците ако се знае дека во случај на слаби резултати и отпуст на тренерот, Баварците пак ќе мора да плаќаат оштети.

Баерн Минхен првпат после 2012-та година не стана шампион на Германија а ништо нема освоено сезонава што не се случило уште од 2011-та. 

ЕДЕН ЧОВЕК ПРЕЗЕЛ ОДГОВОРНОСТ ЗА НАЗНАЧУВАЊЕТО НА КОМПАНИ

Спортскиот директор на Баерн Минхен кој долги години успешно работеше во Борусија Менхенгладбах и Ред Бул Лајпциг, Макс Еберл, од март 2024-та е поставен на позицијата на „Алијанц Арена“ за која долго мечтаел.

Еберл прв настојувал да се доведе Компани за тренер кога Ули Хенес сакал да го вратат Ханси Флик (единствен со Јуп Хајнкес во историјата на Баерн Минхен кој му донел на клубот тројна круна).

Еберл претходно го барал Роберто Де Ѕерби кој за тоа го напушти Брајтон, но од германска страна немало широк конзензус за него и не биле доволно настојчиви па преговорите пропаднале. Сложно било да се убедат Румениге и Ули Хенес во неговиот избор. „Во Баерн сум 10 недели а се осеќам како да сум поминал тука 10 години“, изјавил Еберл за притисокот од работата што ја носи гигантот.

Ако не успее Компани, ништо чудно да не успее ниту Еберл.

30 мај 2024 - 12:16