„Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки за Европското првенство да се одржи во услови на максимална безбедност“, изјави претседателот на организацискиот комитет на ЕП, Жак Ламбер.
Кафулињата, околината на стадионите, концертните сали, прометните булевари се главна мета на терористите. За време на Европското, таквите точки ќе бидат за 10 пати помасовно посетени. Зошто тоа значи дека земјата нема да биде ранлива? Треба да разбереме дека континенталните натпреварувања не се само приказна за симболи, знамиња, хотели и стадиони. Тука е патната мрежа, интернет покриеноста и многу други работи кои 95% од нас никогаш не ги забележуваат а за кои треба многу големи напори. Во тие рамки е и безбедноста.
За време на вакви настани, речиси сиот капацитет за безбедност ќе биде префрлен на една позиција. Таквиот режим бара долга подготовка која би донела резултати за Европското кое трае еден месец и на кое ќе играат 24 земји.
Што ако никој не сака да оди во Франција на ЕП?
Во Париз секоја година престојуваат неколку десетици милиони туристи. Во цела Франција стотина милиони. Според информациите од туристичките организации во Париз, ниту нападот врз канцеларијата на Шарли Ебдо, ниту неодамнешните настани не го намалиле бројот на туристи за овој период од годината. Просекот е ист. Исто како што не се случил колапс по нападот на кулите близначки во Њујорк или бомбардирањето на метрото во Москва. Луѓето и натаму летаа со авиони, ги преминуваа границите во големи групи.
Француските власти можеби се плашат, но пред сè од неизвесност, а не од нешто друго. Очевитците на нападите во Париз изјавуваа дека службите одговорно работеле, луѓето си помагале едни со други, а биле отворени и неколку пунктови за помош. Доказ за тоа е и достоинствениот настап на оние кои полека излегуваа од Стад де Франс кога спонтано во хор ја запеаја Марсељеза.
Зошто е важно да се одигра Европското?
Огромно мнозинство во фудбалскиот свет изрази поддршка за оваа земја и немаше изјави за откажување на ЕП. Оддеднаш, изненаден дефанзивецот на ПСЖ, Давид Луиз отворено изјави: „Во Париз јас не се враќам". Неговиот став можеби е разбирлив во даден момент, но една јавна личност не треба да избрзува со такви изјави. Особено поради тоа што репрезентацијата одлучи да не ја откаже пријателската со Англија, иако беа под шок. Ласана Диара за време на нападите загубил блиска роднина. Сестрата на Антоан Гризман чудесно избегала од концертот во Батаклан, играчите можеле слободно да си одат дома без казна, но решиле да играат во Лондон.
Во новите околности, Европското во Франција е голем ризик. А ризикот е неопходен во борбата во која кога некој ве малтретира, постои само еден начин да покажете дека не се плашите. Да го одиграте Европското првенство кое сега е повеќе од игра.