Осум репрезентации останаа во трката за златната „Божица“ која што ќе се крене кон небото на 15 јули во Москва. Останаа четири европски и две јужно-американски селекции.
УРУГВАЈ - ФРАНЦИЈА 6 јули (петок) 16 часот:
Првото четвртфинале се игра на прекрасниот стадион во Нижни Новгород меѓу репрезентациите на Табарез и Дешамп.
Фокусот е насочен кон Килијан Мбапе (дебитирал за Франција на 18 години, 3 месеци и 5 дена против Луксембург во квалификациите за СП), францускиот феномен кој одигра одличен фудбал во групната фаза и блесна во осминафиналето против Аргентина. „Бебето“ на ПСЖ ќе се судри со Суарез и другарите кои со 2-1 ја совладаа Португалија на Кристијано Роналдо.
Мечот може да биде во сенка на повредениот Единсон Кавани, кој постигна два прекрасни гола на Светското но го повреди листот на едната нога. Од селекцијата на Уругвај соопштија дека шпицот на ПСЖ нема да може да игра до евентуално осминафинале, но останува да се види дали ги кријат картите или „Ел Матадор“ навистина не може.
Веројатно Стуани е тој кој ќе го замени Кавани во нападот со Суарез (минатата сезона даде 25 гола на 33 меча во Ла Лига, 12 години е постар од Мбапе). Сите други што ја елиминираа Португалија се спремни: Муслера на гол, во одбраната триото Касерес-Годин-Хименез, Лаксалт на лево, Нандез на десно и во средината Весино, Тореира и Бентакур.
Важно отсуство има и Дешамп кој ќе мора да игра без Матуиди кој собра парни жолти картони и ќе паузира денес. На негово место би требало да игра Толисо заедно со стандардните Погба и Канте. На голот Лорис, во одбрана Павар, Варан, Умтити и Лукас Ернандез, а во шпицот Жиру, Мбапе и Гризман.
БРАЗИЛ - БЕЛГИЈА 6 јули (петок) 20 часот:
Триумфот од 2-0 против Мексико во осминафинале стигна по победите од 2-0 против Коста Рика и 2-0 против Србија со кои Бразил најави кандидатура за златото.
Разликата на Бразил со Тите во однос на сите претходни генерации е: непробојна одбрана, комбинирана со ѕвезден напад.
На Казан Арената, Белгија доаѓа по драмата со Јапонија и нема да смее да си дозволи невнимание во одбрана како против „Самураите“.
„Црвените ѓаволи“ одлично ја задржаа дисциплината на последниот меч кој го добија по неверојатен пресврт по негатива од 0-2, а важно е и што оние на кои им се закануваше суспензија во случај на жолт картон (Вертонген, Де Брујне и Муние) избегнаа опомени.
Од друга страна Бразил ќе игра без својот столб во средниот ред Каземиро кој доби жолт картон и ќе мора да одработи казна.
Во Казан вечерва ќе има многу кандидати за станат играч на мечот: од страшните десетки Нејмар и Азар, до Кутињо, Мертенс, Вилијан, Де Брујне и Лукаку пред сите. Без притоа да се заборават можеби најдобрите голмани на светот во моментов: Алисон и Куртоа.
И двете селекции се без пораз на Мундијалот. Белгија беше убедлива, а Бразил на почетокот се лизна со Швајцарија (само 1-1).
Во однос на составите: Тите ќе мора на местото на Казмеиро да го игра Фернандињо кој влегуваше од клупа досега. На голот Алисон, во одбрана Фагнер десно, Тиаго Силва и Миранда стопери и Фелипе Луис лево; во средниот ред Паулињо и Фернандињо ќе им чуваат грб на Вилијан, Кутињо и Нејмар кои ќе го хранат со топки Габриел Жезус.
Селекторот на Белгија Мартинез нема проблем со отсутни играчи и веројатно ќе се држи до 3-4-4 формацијата со Мертенс, Лукаку и Азар. По страна ќе напаѓаат Муние и Караско, а во среден ред Де Брујне и Витсел. Во одбраната вообичаено Алдервајрелд, Бојата и Вертонген.