Можеби звучи како фудбалска поезија, ама држи доста вода и не е лошо да се пренесе во секоја соблекувална, бидејќи е изјава на човек кој има тренирано играчи од калибарот на Дел Пјеро, Зидан, Шевченко, Кака, Малдини, Неста, Пирло, Ибрахимовиќ, Роналдо, Модриќ, Рамос и слична таква банда.
Карло вели вака:
„Мојот омилен пример за тимски дух е Мајкл Џордан, можеби еден од најголемите спортисти на индивидуално ниво на сите времиња, но уште поголем тимски играч.
Има многу екипи, во сите спортови кои имаат големи играчи, но не освојуваат трофеи. Во повеќето од тие случаи, тие играчи не се подготвени да се жртвуваат за доброто на тимот.
Разликата кај нив е што имаат недостаток на подготвеност за жртвување и на тој начин си го отежнуваат и достигнувањето на личните цели.
Мое лично убедување е дека е ако се мисли и ако се успее тимски, индивидуалното признавање ќе дојде само по себе.
Талентот ги победува натпреварите, а интелигенцијата и тимската работа го освојуваат шампионатот“.
Така размислува стратегот на Наполи за култниот кошаркарски херој кој му донесе на Чикаго Булс шест прстени, како и 72 рекордни победи во една сезона.
Ај оди кажи му дека не е во право, 19 трофеи има во досегашната 23 годишна тренерска кариера и е еден од тројцата фудбалски стручњаци кои ја имаат освоено ЛШ три пати.