Шпанските клубови во долгови до гуша

Шпанците доминираат во европскиот фудбал со пет клубови во финалните фази на двете натпреварувања, но постојат и бројки кои ја прикажуваат скриената слабост на шпанскиот фудбал. Само за данок тие должат 752 милиони евра.

Членовите на шпанската Примера и Сегунда на државата и должат 752 милиони евра само за неплатен данок, а вкупниот долг само на клубовите од најелитната шпанска лига изнесува 3,53 милијарди евра.

Шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона благодарение на парите од ТВ правата, имаат високи приходи, но сепак тие се двојно помали од нивните трошоци. Останатите фудбалски клубови од Шпанија имаат тројно помали приходи од трошоци.

Реал Мадрид е водечки на табелата во шпанската Примера, но тие се на првото место и на листата на должници. Нивните долгови изнесуваат 589 милиони евра. Барселона должи 578 милиони.

Полуфиналистите од Лига Европа исто така се при врвот на оваа листа. Третиот најголем должник е Атлетико Мадрид со 514 милиони, четврта е Валенсија со 382 милиони евра.

Дури шест од 20 клубови се во процедура за прогласување банкрот. Тоа се клубовите Рајо Ваљекано, Расинг Сантандер, Бетис, Сарагоса, Гранада и Мајорка.

19 април 2012 - 10:45