Шпанија нема да изневери

Голманот на италијанската репрезентација, Џанлуиџи Буфон само еден ден по сомневањето дека неговата репрезентација може да биде жртва на заговор и на крајот да остане без пласман во следната фаза, сепак очекува дека селекцијата на Шпанија ќе триумфира во дуелот со Хрватска, но поголемиот дел од работата треба да ја завршат неговите соиграчи и да забележат победа против Република Ирска.

"Убеден сум дека Шпанија нема да не изневери и дека ќе ја победи Хрватска. Но и ние треба да ја завршиме својата задача, а тоа е в понеделник да победиме. Треба да сфатиме дека судбината е во наши раце и со многу самодоверба треба да влеземе во тој меч бидејќи само така може да се исполни целта", изјави Буфон.

Еден од најдобрите голмани на планетава верува во колегите и очекува овој тим да биде најдобар токму кога е најпотребно.

"Воопшто не треба да се сомневаме во нашиот триумф, треба да излеземе на теренот со верба во победа и да уживаме во играта. Според сите параметри ние сме подобар тим и тоа треба да го докажеме", заврши Буфон.

Сомневањата околу епилогот на дуелот меѓу Хрватска и Шпанија се подгреваат од моментот кога завршија двата меча од второто коло во Ц групата.

Аѕурите имаат непријатно искуство од 2004-тата година, кога во последното коло од првата фаза Шведска и Данска играа 2:2 и се пласираа во вториот круг, а идентичен резултат им е потребен и актуелните ривали на Италија во Полска и Украина.

17 јуни 2012 - 02:10