Шарената револуција која стана сапуница во шпанскиот фудбал

Женската фудбалска репрезентација на Шпанија за првпат во својата историја стана светски шампион откако ја победи Англија со 1:0 во финале. Во целата прослава и еуфорија при доделување на медалите, првиот човек на шпанската фудбалска федерација Луис Рубиалес пред целиот аудиториум ја бакна фудбалерката Џени Ермозо. Неколку дена го бркаат како Путин.

На теренот по големото финале и победата од 1:0 против Англија ништо не најавувало што ќе се случува во следните денови.

Фудбалерките славеа заедно со првиот човек на шпанската федерација Рубиалес и со селекторот Хорхе Вилда. Права шампионска прослава со шампањи и солзи радосници.

Само неколку часа подоцна, се разбуди духот на општо познатиот глобален „лов на вештерки“. Се кренаа премиер на Шпанија, пратеници, политичари, министри, феминистички здруженија. Сконаа и ФИФА и УЕФА, а во целиот општ метеж фалеше само обвинение од судот во Хаг.

„Луис Рубиалес е сексист, манијак, мачо и напаствувач“, грмеа мегафоните на феминистичките здруженија потпмогнати од голем број медиуми.

Неколку часа по враќањето од Австралија каде се играше Светското првенство, фудбалерката Џени Хермозо напиша соопштение во кое бламантно го обвини Рубиалес за сексистички однос:

По остварување на една од најважните цели во мојата спортска кариера и неколку дена размислување, сакам од душа да им заблагодарам на моите колешки од репрезентацијата, навивачите, следбениците, медиумите и сите кои помогнаа во остварување на овој сон.

За жал, радоста траеше кратко. Иако навистина не сакам да создадам масовна парница, чувствувам потреба да изјавам дека објаснувањето на господинот Луис Рубиалес по повод непријатниот инцидент е лажно и е дел од манипулативната култура која тој самиот ја оформи.

Сакам да појаснам дека никаков разговор на кој мистер Луис Рубиалес посочува во својата изјава, никогаш не било говор за обострана согласност за бакнеж. Сакам да повторам дека оваа епизода не ми се допадна.

Ситуацијата ме шокираше среде прославата во тој момент и чувствувам потреба да раскажам за тој инцидент затоа што никој, со што и да се занимава, не е должен да стане жртва на такво поведение. Се почувствував жртва на импулсивна, сексистичка и непримерена постапка без никаква согласност од моја страна.

Побараа од мене да пуштиме заедничко соопштение за да го намалиме притисокот врз претседателот (Рубиалес), но во тој момент мислев само да се насладувам на историскиот успех со моите колешки од екипата. Затоа прво и соопштив на федерацијата а после и на медиумите и луѓето на кого им верувам, дека нема да давам лични или заеднички соопштенија по тој повод, затоа што тоа многу ќе го одвлечеше вниманието од тој посебен момент за мене и моите соиграчки“, рекла Џенифер Џени Ермозо.

Од тој момент се вжешти цела шпанска јавност која му скокна на Рубиалес. Бараа негова оставка а некој суд отворил и истражна постапка. Во меѓувреме се огласија и некои активни фудбалери и тренери кои ја осудија постапката на Рубиалес. Дури 80 актуелни и привремени шпански репрезентативки потпишаа заедничко соопштение дека нема да играат за репрезентацијата додека Рубиалес е селектор.

Во Мадрид во понеделникот се организирал и протест против Рубиалес во организација на феминистичкото движење 8М. Учесничка на протестот била и министерката за еднаквост на Шпанија Ирена Монтери и министерката за образование Пилар Алегриа.

УЕФА го осуди чинот но подоцна соопшти дека не планира да се меша во целата постапка иако ФИФА го отстрани Рубиалес на 90 дена поради тоа што ја бакнал Џенифер Ермозо.

Шефот на УЕФА, Александар Чеферин одлучил да не праќа жалба до ФИФА затоа што тоа според нив е мешање во внатрешните работи на Шпанската фудбалска федерација а последиците би можеле да бидат големи. УЕФА не сакала да фрли сенка на долгоочекуваната ждрепка за групите во Лига на шампиони и церемонијата на избор на најдобар играч за минатата сезона.

Притисокот врз Рубиалес и протестите на улица против него биле толку големи, зачинети со хајката од медиумите поради што неговата мајка решила да стапи во штрајк со глад и се повлекла во некоја локална црква се додека не сопрат нападите врз неговиот син.

За целиот циркус да биде комплетен, извесен шпански новинар објавил видео од автобусот на шпанската фудбалска селекција веднаш по финалето по излез од стадионот.

На него се гледа како повеќето репрезентативки се шегачат на сметка на бакнежот, скандираат „бакнеж, бакнеж“, а самата Џенифер Ермозо стои на средина, и раскажува како дошло до бакнежот. Пред крај на снимката Рубиалес доаѓа до фудбалерките кои му скандираат „Прези, прези“ (скратеница од президенте/претседателе).

Во меѓувреме на видеото Ермозо покажува и објава од социјалните медиуми на која случката со Рубиалес е споредена со бакнежот на Икер Касиљас на времето со неговата сопруга и позната новинарка за време на Светското првенство 2010 во Јужна Африка. 

„Да почнеме, Џени:

1. Зошто ти се фалиш пред другите фудбалерки и со насмевка позираш со меме од твојот бакнеж со Рубиалес?

2. Зошто сите твои соиграчки од репрезентација кои сега се во шок, урлаат заедно со тебе „Рубиалес бакни ја“ во автобусот после тоа откако го виделе тој „бакнеж“?

3. Зошто во автобусот „на шега“ побаравте од Рубиалес бакнеж и се смеевте кога Луис вели: „Не, срам ми е“.

Не сакам ти да „ја зборуваш вистината“, зошто Шпанија веќе ја знае денес. Сакам да завршиш во затвор“, напишал новинарот Алвисе Перез.

 

Рубиалес поради суспензијата ќе остане без 3-месечна плата и разни бонуси од УЕФА (се зборува за суми од 371.000 евра и 250.000 евра). Притоа Шпанската кралска фудбалска федерација изгласала да се стопира плаќање на кирија за живеалиште во износ од 3.000 евра, му забраниле да користи службени возила и побарале од актуелниот претседател да ги врати сите службени карти кои ги поседува и користи.

Изборите за претседател во шпанската фудбалска федерација се следната 2024-година и веќе се споменуваат кандидати. Не е познато дали Рубиалес ќе има право да се кандидира после процесите отворени против него.

 

30 август 2023 - 13:05