Меѓу 12-те групи во кои беа одиграни 24 натпревари и беа постигнати 60 гола во рамките на второто коло во Лига Европа, веројатно ретко кој му обрна внимание на мечот меѓу Дундалк и Макаби Тел Авив од групата Д.
Ирски против Израелски противник, што и не изгледа привлечно за гледање. Но овој меч синоќа донесе историја за фудбалот во Ирска, земјата чии навивачи ги освоија најголемите симпатиите на Европското во Франција.
Нивниот претставник Дундалк стана првиот ирски клуб кој успеал да победи на натпревар во групна фаза од Лига Европа. Тоа го сториja благодарение на голот на извесен Сиаран Килдаф во 72 минута кого го сметаат за херој.
Тоа не е се од приказнава. Неговиот гол донесе победа вредна 360.000 евра, пари кои ќе легнат во касата на клубот и кои му следуваат од УЕФА за освоените 3 бода. И сега внимавајте го податоков, односно споредбава.
Само од победата против Макаби, Дундалк заработил повеќе од три пати од сумата што ја заработил од освојувањето на ланската титула во ирското првенство. Во извештаите за натпреварот во медиумите од островот за нив го сретнавме и епитот „semi-professionals“ што во превод значи полу-професионалци.
Дундалк инаку е 11-кратен првак и втор најтрофеен клуб во Ирска, кој игра на стадион помал од Тумбе Кафе во Битола, а на синоќешниот историски гол на Килдаф се радуваа 5.543 навивачи кои беа на стадион.
Во третото квалификациско коло за Лига на шампиони го минаа БАТЕ Борисов, но потоа не успеаа да ја минат последната пречка за пласман по групи и беа елиминирани од Легија. Тоа значеше директен пласман во групите на Лига Европа.
Во прво коло ремизираа со АЗ Алкмар и сега со вкупно 4 бода држат второ место во група. Ако успеат да се пласираат во втор круг кој знае каков ќе биде соодносот во споредбата пари од УЕФА со освојување титули во домашното првенство. За да ја достигнат досегашната заработка од 3 милиони евра од УЕФА во Ирска, треба секоја година до 2044-та да ја освојуваат титулата.