Приказната што го потресе Рим

Сфатив дека ќерка ми е добро кога Лацио даде гол

Кјара имала 19 години кога била брутално претепана од дечко ѝ. Лежела во кома цели 10 месеци, а потоа се вратила во свесна состојба. Татко ѝ раскажува за првиот знак дека е добро кога се насмеала на голот на Лацио против Торино.

Животната сторија на Кјара Инсидиозо Монда не е бајка со среќен крај. Татко ѝ Маурицио ја раскажува целата приказна за Кориере дела Сера и тоа на денот на борбата против насилство врз жените.
 
Неговата ќерка, на 3-ти февруари 2014. година кога имала 19 години била брутално претепана од нејзиното момче Маурицио Фалчони во станот во населбата Казал Берноки во Рим каде заедно живееле. Киара доживеала сериозни повреди, опасни по живот и цели 10 месеци била во кома во Институтот за рехабилитација Санта Лучиа во Рим.
 
Таткото Маурицио се уште е бесен за трагичниот настан после кој насилникот добил 20 години затворска казна, па му ја намалиле на 16.
 
И покрај тежината на целиот настан, Маурицио за Кориере вели дека има еден светол момент кој му ги олеснал сите маки и несоници. Тоа се случило на 16. март годинава, кога лекарите јавиле дека девојчето полека излегува од кома: „Ги отвора очите, ги следите гласовите на родителите и понекогаш се смешка“, рекле лекарите.
„Дента на 16. март седев до нејзиниот кревет во болницата. Кјара беше легната со главата свртена на перницата. Во еден момент го пуштив Ајпадот, го отворив сајтот на Газета и стиснав плеј на натпреварот Торино - Лацио. Првото полувреме заврши 0-0. Потоа, на 20 минути пред крајот Фелипе Андерсон постигна гол и Киара направи радосна гримаса, се насмеа и задоволна му се израдува на голот. Како да сакаше да ми каже: Тато дадовме гол!“.
Пред страшниот инцидент, Кјара имала неколку среќни врски и пријателства. Редовно одела во кино, во ресторани, го шетала своето кученце, ја слушала Лаура Паузини и редовно го следела Лацио.
„На Курва Норд (Северна трибина) ја познаваа сите, од најстари до најмлади, пред се ултрасите. Кога одевме на стадион, од сите страни ја викаа Кјара дојди со нас, Кјара дојди на тој и тој сектор. Секоја сабота и недела одеше и на гостувања. Сме оделе со автобус на гостувања во Неапол, Торино, Џенова. За тоа последните месеци тифозите многу ни помагаа со секакви иницијативи за собирање парични средства. Затоа што Кјара е една од нив“, вели Маурицио низ солзи.
Во болничката соба на Кјара денес стои постерот од Кандрева, нејзиниот омилен фудбалер кој се врати со гол минатиот викенд против Палермо (1-1).
„Со оваа малку свест што ѝ се врати, ми се врати радоста на животот и среќен сум што е жива. Затоа што Кјара сега сфаќа и разбира сè, иако ги мрда само прстите. Последен пат ѝ се врати чувството за вкус кога проба Нутела“, ја заклучува Маурицио потресната приказна за ќерка му Кјара.

Како Кјара изгледа денес, а како претходно