„Изборот на Катар за домаќин на Светското првенство беше грешка пред 12 години“, вели Сеп Блатер, кој ја истакнува средбата меѓу Никола Саркози и Мишел Платини за промена на клучните гласови.
Блатер со години бегаше од вистината и го немаше никаде во јавноста да прозбори за тоа како богатите Шеици станаа домаќини на СП 2022.
Ова му е прво интервју кое го даде за швајцарската групација на весници Тамедиа, откако во јули годинава куртулија затворска казна со Платини за финансиски малверзации во ФИФА.
„Тоа е премногу мала земја. Фудбалот и Светското првенство се преголеми за тоа“, рече Блатер за Катар, најмалиот домаќин по големина после Мундијалот во Швајцарија 1954-та.
„Тоа беше лош избор и јас бев одговорен за тоа како претседател во тоа време“, вели Швајцарецот кој гласал за САД да бидат домаќини.
„Извршниот комитет на ФИФА сакаше домаќин на СП 2018 да биде Русија, а потоа САД. Тоа ќе беше убав гест на помирување ако политичките противници организираа две последователни Светски првенска, еден по друг. Но клучните гласови потоа отидоа за Катар“, вели Блатер.
Тој всушност го повтори своето тврдење дека Саркози вршел притисок врз Платини и ја кажа верзијата за телефонскиот повик што му го направил Платини по состанокот во Париз, кога планот за гласање на СП бил променет.
Мишел Платини, како претседател на УЕФА и потпретседател на ФИФА, бил поканет од тогашниот претседател на Франција, Саркози во неговата резиденција. Таму бил и престолонаследникот на Катар, сега емир, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани. Средбата се случија на само една недела пред гласањето на Извршниот комитет на ФИФА на 2 декември 2010-та.
„Благодарение на четирите гласови на Платини и неговиот тим од УЕФА, Светското првенство му припадна на Катар, а не на САД. Тоа е вистината“, рече Блатер за резултатот од 14-8.
„Секако дека се работеше и за пари. Шест месеци подоцна Катар купи борбени авиони од Французите за 14,6 милијарди долари“.
Светското првенство започнува на 20 ноември со околу 1,2 милиони меѓународни посетители кои се очекува да пристигнат во Катар.
32 репрезентации ќе одиграат 64 натпревари на осум стадиони во и околу градот Доха, кој е трансформиран од 2010 година со огромни градежни проекти за подготовка за Светското првенство.