Седум критериуми за освојување на Мундијалот во Русија

Со помош на трендови, статистики и шаблони од минатите турнири, БиБиСи елиминираше 31 земја и донесе заклучок кој ќе биде крунисан како Светски првак. Ако шемава им се покаже како точна, прв пат ќе и биде на оваа земја со пехарот в раце.

ДА СИ НОСИТЕЛ НА ГРУПА
Откако Светските првенства од 1998-ма се играат со по 32 земји, сите шампиони биле носители во својата група. Последниот случај кога тоа не било така е со Аргентина во 1986-та и онаа славна божја рака на Марадона во четвртфиналето против Англија. Поради тој параметар отстранети се 24 селекции.
ДА НЕ БИДЕШ ДОМАЌИН
Да се биде домаќин на СП не е патот кон успехот како што некогаш било. Во првите 11 изданија на Мундијалите од 1930-та до 1978-ма, домаќините пет пати станале Светски прваци. Но на последните 9 изданија само Франција како домаќин успеала да го подигне пехарот. Иако САД, Јапонија, Јужна Кореја и Јужна Африка немаше шанси со тој квалитет да станат шампиони, сепак Италија во 1990-та, Германија во 2006-та и Бразил пред четири години не успеаа како домаќини во тоа.
ДА ПРИМАШ МАЛКУ ГОЛОВИ
Во ерата на 32 учесници, ниту еден од петте шампиони не примил помалку од 4 голови на своите 7 меча. Од седумте селекции на ред за елиминирање дојде Полска која во квалификациите примаше во просек по 1,4 гола по натпревар. Германија и Португалија по 0,4, Белгија и Франција по 0,6, Бразил 0,61 и Аргентина 0,88.
ДА СИ ОД ЕВРОПА
Светските прваци доаѓаат од Европа и Јужна Америка. До неодамна европските селекции не поминуваа добро на друг континент, но успехот на Шпанија во Јужна Африка и оној на Германија во Бразил го потиснаа овој тренд. Само еднаш се случило Мундијал организиран во некоја европска земја да го освои учесник од преку океан. Тоа е Бразил во Шведска 1958.
ДА ГО ИМАШ НАЈДОБРИОТ ГОЛМАН
Можеби мислите дека Светско се освојува ако го имаш во тим најдобриот стрелец, но од 1982-ра до сега тоа се случило само два пати. Прво со Роналдо 2002-ра, па со Давид Виља во 2010-та. На последните пет Мундијали дури во четири наврати шампион бил оној состав кој го имал најдобриот голман, односно освојувачот на Златната ракавица. Од четирите селекции кои останаа не е тешко да се замисли тоа да биде Мануел Ноер (Германија), Хуго Лорис (Франција) и Тибо Куртоа (Белгија), ама не и Руи Патрисио (Португалија)
ДА ИМАШ ИСКУСТВО
Од 1998-ма година Светските прваци имаат се поискусни и поискусни состави, односно играчи со повеќе настапи. Бразил (2002) со играчи во просек по 28,4 репрезентативни настапи, Италија (2006) со 32,91, Шпанија (2010) со 38,3 и Германија (2014) со 42,2 настапи по играч. Значи тренд кој оди нагоре. Од следниве три селекции, Франција оди во аут бидејќи играчите имаат во просек по 24,5 настапи, Германија 43,2, а Белгија 45,1.
ДА НЕ ТРЕБА ДА ЈА БРАНИШ ТИТУЛАТА
Светското првенство е тешко да се одбрани. Тоа му успеало само на Бразил кој се радуваше во 1958-ма и 1962-ра. Всушност по двојната круна на Бразил, од 13 бранители само двајца успеале да минат четвртфинале: Аргентина во 1990-та и Бразил во 1998-ма. Бразил како бранител во 1974-та заврши четврти, ама со стариот формат кога по две групни фази се одело во финале. На последните четири Мундијали, освојувачот бил елиминиран во групна фаза и тоа во три наврати.
 
Германија има одлично педигре во поновата историја на СП. На последните 9 изданија од кои три пати учествуваше како Западна Германија, победија два пати, стигнаа уште три пати во финале и уште два пати завршија како трети. Сепак, кога станува збор за пехарот во Русија, историјата е против нив, што значи на 15 јули ќе се радува Белгија, што не е невозможно.
12 јуни 2018 - 14:29