„На Англиската Променада одам секој ден да пијам кафе“, ја почнува својата исповед поранешниот голман на Интер, Верона, Парма, Фиорентина и Џенова (трет странец по бројот на настапи во Серија А, после Хавиер Занети и Хозе Афлатини).
Фреј, денес жител на Ница, бисерот на Аѕурниот брег се уште не може да дојде при себе од тоа што се случило. Како секој Французин, така и тој сакал да присуствува на церемонијата на 14. јули.
„Како мал секогаш одев со татко ми на прославата. За семејствата, роднините тоа беше преубав настан. Но синоќа се вратив доцна од Пескара и во еден момент дома решив да го гледам огнометот од дома, без да одам на брегот“, потврдува Себа дека задоцнувањето му го спасило животот него и на неговото семејство. Белиот камион удрил и во една гаража во моја сопственост“.
На прашањето што правел кога дознал за веста, некогашниот голман со екстравагантна фризура вели:
„Страв. Ужас. Веднаш пратив порака на Фејсбук на сите мои пријатели за кои претпоставував дека биле на Променадата. Еден од моите најдобри другари бил со син му во прегратки, а проклетиот камионџија поминал на само три метри од него. Колега на мајка ми е мртов, друг е во болница. Сите што видовме што се случи не спиевме цела ноќ. Брегот е полн со дечиња, кој може да посака такво нешто“, зачудено се прашува Фреј.
Тој е и поранешен француски репрезентативец и еден од многуте кои преку фондови помага за подобар живот на децата.
„Само лудаците кои за единствена цел во животот имаат да го тероризираат светот може да посакаат такво нешто. Немам други одговори. И не ми оди во глава дека тоа го прават од религиски причини. Имам многу пријатели муслимани, но ниту една религија не наложува смрт на другите. Ова се лудаци кои напаѓаат невини луѓе без најава. Што не излезат на протест ако имаат храброст? Нема да излезат, но сега нашата влада поинаку ќе одговори“, тврди Фреј за намерата на француската власт остро да удри по тероризмот.
Себастијан бранеше и во Турција, уште една земја која нема мир од терористите.
„Додека бев во Бурса, ситуацијата беше горе-долу мирна. Повеќе се плашев кога се враќав за Франција, отколку таму. Во Турција работите одат брзо, наеднаш. Се сеќавам дека по нападите во Париз, француската влада ми пиша мејл и ме повика да се вратам во Франција што поскоро. Верувам дека така сториле и со другите наши сонародници кои беа таму. Среќен бев што дојдов дома, но со тие лудаци не си сигурен веќе никаде“, додава Фреј.
Ница важи за еден од најубавите градови во Франција, четврт по големина а Фреј раскажува и за утрото по страшниот масакр.
„Ница беше тажен град следниот ден. Кој имаше сили да излезе, излезе со натажени очи. Јас целата ноќ ја минав пред телевизија да гледам што се случило, ги барав блиските луѓе и потоа договарав нови средби со здруженијата за деца со кои соработувам за да помогнеме“.
Што сега може да се прави?
„Уште е рано. Повредените се борат за живот во болницата, има многу млади и мали дечиња. За некој ден ќе ги контактираме семејствата да видиме како може да помогнеме“.
Фреј додава уште и дека има страв („А кој би немал“?).
Синоќа требаше да ги носам децата на концертот на Ријана, но спектаклот беше одложен и седнав да подразмислам: Може ли да се живее во ваква состојба? Дали можам децата да ги носам на стадион, на некоја забава или на плоштад?