Се разделија Жозе Мурињо и Рома, толку од приказната

Рома се огласи на официјалниот сајт со соопштение во кое наведува дека го отпушта трофејниот светски стручњак Жозе Мурињо кој има преслаби резултати сезонава а екипата практично и да не игра ништо.

Во клупското соопштение потпишано од сопствениците Дан (татко) и Рајан Фридкин (син) стои:

„АС Рома може да потврди дека Жозе Мурињо и неговиот стручен штаб го напуштаат клубот. Би сакале да му се заблагодариме на Жозе за неговата страст и труд од неговото доаѓање во клубот. Засекогаш ќе имаме убави сеќавања за неговиот престој во Рома, но веруваме дека нагла промена е најдобра за интересите на клубот.

Му посакуваме на Жозе и на неговите помошници се најдобри во идните предизвици“, се вели во соопштението.

Скај Спорт пишува дека таткото и синот Фридкин лично го повикале и му врачиле отказ на Мурињо пред утрешниот тренинг сабајлево.

Мурињо беше претставен за 60-ти тренер на Рома во мај 2021-ва година. Од тогаш до денес освои пехар во новото натпреварување на УЕФА Лига Конференции и тој беше прв европски трофеј за „римската волчица“ во историјата. Римјаните со Мурињо стигнаа и до големото финале на Лига Европа лани кое го загубија од Севиља.

Португалецот ја водеше Рома на 138 меча на кои забележа 68 победи, 30 нерешени и 40 порази.

Рома бележеше очајни резултати сезонава, а чашата ја прелеале двата порази од градскиот ривал Лацио (1:0) во Купот и од Милан (3:1) во неделата во Серија А, после што браќата Фридкин од САД кои се сопственици на клубот, решиле да му врачат отказ на Мурињо.

Револтот бил голем после поразот од Лацио, тифозите на Рома биле фрустрирани што екипата под водство на Жозе Мурињо дури на четири дербија по ред не можеше да му даде гол на вечниот ривал а има четири порази на шест градски дербија. На 10 меча со најголемите ривали во Серија А, Рома претрпела дури 6 порази и има само еден триумф, против Наполи.

Притоа до дури 5 црвени картони од кои 2 сезонава, Мурињо стана најисклучуваниот тренер во Серија А.

По тешкиот пораз од Милан Мурињо на прес конференција прокоментирал: „Ова сме ние, ова е Рома. Ги имате најневеројатните навивачи што сум ги видел во живот и имате тренер за кого луѓето кога ќе му го слушнат името мислат дека е Жозе Хари Мурињо Потер а не Жозе Феликс. Барањата и очекувањата се преголеми“.

Рома на последните пет меча забележа само една победа и речиси испадна од трката за место кое води во Лига на шампиони следната сезона.

Навивачите потајно го посакуваат легендарниот Даниеле Де Роси кој неодамна стана тренер и кратко го водеше СПАЛ, а се споменува и „вечното“ привремено решение Бруно Конти.

Но ништо чудно семејството Фридкин да се одлучи за некое поголемо познато тренерско име како што изненадуваа во претходните три ипол години откако го преземаа клубот.

Се огласи и Мурињо

16 јануари 2024 - 09:33