Се пензионира најсаканиот капитен

„Не беше лесна одлука, но прав момент е да се каже доста е", со овие зборови иконата на Реал Мадрид, Раул Гонзалес Бланко објави дека се повлекува од фудбалот на крајот од сезоната.

Шпанецот кој во моментов игра за Њујорк Космос, после 21 сезона како професионален фудбалер, на 38 години ќе се поздрави со активното играње. Со Реал Мадрид освои 3 трофеи во Лигата на шампионите, 2 Интерконтинентални Купа, 6 титули во Ла Лига, 4 Супер купа. Покрај Шалке играше и во Катар, за екипата на Ал Сад. Втор најдобар стрелец е во историјата на шпанската репрезентација со 44 голови на 102 настапи.
 
Го напушта фудбалот после повеќе од 1.000 натпревари, многу голови и ниту едно исклучување. Со неговата харизма ги купи и навивачите на Шалке 04 каде играше две сезони по заминувањето од Реал Мадрид. Освои сè со Реал Мадрид и ништо со Шпанија  Во Кралскиот тим дебитираше во 1994. година и даде 323 голови на 741 натпревар со што е рекордер по бројот на настапи за Реал.

„Кога потпишав со Њујорк Космос во октомври минатата година, реков дека при крајот на следната година ќе одлучам дали да продолжам со играње. Одлучив да се повлечам на крајот од оваа сезона. Целосно сум фокусиран на силен финиш на сезоната и сакам да му помогнам на Њујорк Космос да го освои НАСЛ првенството. Во следните месеци ќе одлучам за следниот чекор во кариерата", напишал Раул во соопштението.

Иако неговата фудбалска кариера ја започнал во младинските категории на Атлетико Мадрид, кога ќе се каже Раул не може а да не се помисли на Реал Мадрид. Најзаслужен за дезертирањето на Раул од Атлетико во Реал бил неговиот татко, инаку навивач на Јорганџиите.

На 29 октомври 1994. година стана најмладиот дебитант во историјата на Реал Мадрид со 17 години и 124 денови.

Како најдобар играч на селекцијата У-21 во 1996. година дебитираше и за сениорскиот состав. Истата година играше во финалето на Европското првенство за играчи до 21 година, но загуби против Италија на пенали.

Во Реал Мадрид неретко играше како крилен играч, но блесна како втор напаѓач, зад неговиот другар Фернандо Мориентес. Во 1995. и 1998. година, Раул стана шампион на Шпанија. Од Реал Мадрид замина со 6 освоени титули во Ла Лига. Во 1998. година се врати на кровот на Европа и тоа во тандем со Мијатовиќ кој го постигна решавачкиот гол против Јувентус. 

Легендарна фотографија на еден од најсилните состави во историјата на Реал Мадрид. Сезона 1997/1998 од горе лево: Бодо Илгнер, Кларенс Сидорф, Фернандо Иеро, Редондо, Давор Шукер. Седат: Кристијан Панучи, Роберто Карлос, Редондо, Предраг Мијатовиќ, Амависка, Раул.

Во 2000-та освои уште една ЛШ. На Стад де Франс Реал ја совлада Валенија со 3:0, а еден од стрелците беше токму легендарната 7-ка. Најдобар стрелец (pichichi) во Ла Лига беше во сезоната 1998/1999 (25 голови) и во 2000/2001 (24 голови). Во 2001 година заврши втор во трката за Златна топка зад Мајкл Овен.

Во 2002. година уште еден европски трофеј во ЛШ. Во финалето против Баер Леверкузен, Кралевите славеа 1:0 со фамозниот гол на Зидан на волеј со лева.

Неговата приказна во репрезентацијата е богата со порази. Како капитен на Шпанија, Раул беше вечно разочаран на репрезентативен план. Во 1998. година, Шпанија беше елиминирана во групите (пораз од Нигерија). Во 2000-та, на Европското првенство Раул промаши пенал во 89-та минута од четвртфиналето против Франција. На Светското 2002 година Шпанците беа жртви на скандалозното судење за Јужна Кореа. Во 2004. година, Шпанија повторно беше елиминирана во групната фаза на ЕП.

Раул даваше голови на три различни Мундијали (1998, 2002 и 2006). Последната средба за Шпанија ја одигра во септември 2006-та по крахот на Шпанците во Германија. 102 настапи и 44 голови (втор најдобар стрелец во историјата на Шпанија по Давид Виља). Во 2008. година, навивачите и јавноста во Шпанија барале од селекторот да го врати Раул во репрезентацијата, но Арагонес не го викна на почетокот на шпанската доминација со европскиот и светски фудбал.

Раул ја игра првата, воедно и последна сезона во дресот на второлигашот Њујорк Космос. Постигна 7 голови на 28 настапи, а последниот натпревар ќе го одигра во ноември.

Кога пристигна во Њујорк, прв што му посака добредојде беше славниот Бразилец, кој е воедно и легенда на американската франшиза.

Пред да ја започне кариерата во САД, Раул одигра две сезони во Катар во екипата на Ал Сад од 2012 до 2014. Освои една титула и еден куп.

Пред Катар, Раул се проба и во Германија во дресот на Шалке 04. Во две сезони од 2010 до 2012 постигна 40 голови на 98 настапи. Авантурата во Шалке му послужи на Раул да го подобри личниот рекорд во европските купови со 77 голови (потоа престигнат од Меси и Кристијано Роналдо). Со тимот од Гелзенкирхен, Раул освои и еден Куп на Германија. Во неговата долга кариера никогаш во Шпанија не го освоил Купот на Кралот.

16 октомври 2015 - 10:27