Интервју на Горан Пандев

Се надевам дека ќе се вратам и ќе го постигнам 100-от гол во Серија А

Поранешниот капитен на Македонија, во интервју за CalcioNapoli24 зборува за скандалозното финале од италијанскиот Супер куп во кое по две години вечерва повторно се среќаваат Наполи и Јувентус. Анализира тренери, ги споредува турскиот и италијанскиот фудбал и демантира заминување од Истанбул во јануари.

Како ти оди прилагодувањето во Турција?

„Добро е. Тука сум четири месеци, на почеток имав тешкотии, но лека полека се прилагодувам. Поразлично е од Италија, но работите одат добро.

Неодамна постигна хет – трик...

За напаѓач тоа е важно, на почеток имавме проблеми во тимот и голем број на повредени играчи, но сега е подобро, постигнав три гола во купот на Турција и се надевам дека ќе продолжам така.

Малку чудно, но по Наполи повторно и тука ти е соиграч Блерим Џемаили...

Многу ми е мило што Блерим е тука, полесно е да смениш средина кога имаш некој до тебе што зборува италијански. Тој е голем играч, сега е повреден, но се надевам дека ќе се врати брзо.

Како се случи трансферот во Галатасарај? Имаше ли други клубови кои те бараа?

Да, имаше, но повикот од Галатасарај ме примами, тоа е голем тим кој игра во Лига на Шампиони. Долго време играв во Италија и сакав да се пробам во друго првенство, да запознаам друга земја и друг менталитет.

Зошто не му одеше на Прандели во Галатасарај?

Можеби затоа што тој сакаше некои работи да ги прави со прецизност, а тука не се навикнати на тоа што го бараше. Прандели сакаше да се води по методот кој го употребува во Италија со многу работа на тактички план, но според мене тука треба да ги оставиш играчите да се “забавуваат“. Во Турција е поразлично, имаат друг менталитет. Можеби се најде и во тешкотии бидејќи почнавме лошо, а тука ако направиш неколку негативни резултати по ред станува хаос.

Вечерва се игра Супер куп на Италија, а ти го освои со Бенитез...

Прекрасен спомен. Жал ми е што тоа натпреварување го изгубив против Јувентус, одигравме одличен меч, но на крај заврши така како што заврши. Се надевам дека Наполи може да го победи Јувентус, имаат одличен тим.

По долго време, можеш ли да ни кажеш што точно се случи со линискиот судија Стефани во финалето од Супер купот?

Не му реков ништо посебно, само му реков дека не е офсајд. Ја кажувам вистината, жал ми е многу што загубивме во Пекинг, бидејќи одигравме одлично.

Снимките од судиските одлуки се ширеа низ светот, во соблекувална што се зборуваше?

„Немаше што да се каже, да се загуби финале поради грешки на судиите после толку работа не е убаво. Сега се надевам дека ќе победи Наполи и така сите ќе бидат задоволни.

Се зборуваше за “супер-срам“, ти би го дефинирал како кражба? Се чувствувате ли како да ви го одземаа од раце трофејот?

Не знам дали може да го дефинираме како кражба, но видовме сите што се случи.

И на крај никој од вас не се појави на доделувањето на медаљите...

Така одлучи претседателот, ние и тренерот знаеме кои ги носи одлуките. Ни беше речено да не одиме да ги земеме медаљите и така и направивме.

Како се разделија патиштата на Горан Пандев и Рафа Бенитез?

„И во Милано и во Неапол освоивме многу. Јас си го направив мојот избор, но со него никогаш не се скарав. Потоа се случи повикот од Галатасарај и јас бев среќен што сменив средина.

Мацари и Бенитез, двајца различни тренери...

Секој тренер си има свои карактеристики. Мацари работи на еден начин, Бенитез на друг. И двајцата освоија по нешто, Рафа повеќе, но сепак и двајцата се големи тренери, но и различни.

Тие од времето на Мацари си заминаа во последните две години, од Пандев до Канаваро, како го доживеа заминување на Паоло?

Таков е фудбалот, менуваш средини. Секој тренер има играчи кои ги преферира и кои не му се допаѓаат. Паоло беше клучен за тимот. Се сеќавам дека кога дојдов многу ми помогна заедно со семејството и ми помогна полесно да се прилагодам. Многу добар човек, но и голем играч. Сега има други играчи, силен тим кој може да им донесе многу задоволства на навивачите.

Зошто и покрај победите не му беше лесно на Бенитез во Интер?

После тројната титула на Мурињо не беше лесно за никој. Рафа со нас освои два од три трофеи и потоа си замина. Можеби имаше проблеми со повозрасните во тимот, јас имав добар однос со него и ме ставаше на располагање без проблеми.

Купот на Италија го освои пет пати, но во Наполи тоа е поразлично...

Да се игра во Наполи е нешто посебно и тоа го кажувам и покрај тоа што играв во многу големи клубови како Лацио и Интер. Народот во Неапол прави да се чувствуваш како вистински фудбалер, а трофеите во купот на Италија се славеа како да освоивме Лига на шампиони. Посакував да го освојам Скудетото, но не успеавме и многу ми е жал за тоа. Како и да е во Наполи минав три прекрасни години заедно со семејството.

Пепе Рина за спомен на Наполи рече “Добродојдовте на Курва Суд“, ти што би рекол...

Имам многу пријатели таму, жал ми е што си заминав, но одлучив да сменам. Се надевам дека ќе се вратам еден ден и повторно ќе се сретнам со сите. Неапол е прекрасен град и би било убаво да се вратам и ги видам пријателите барем на една вечера.

Во дресот на Наполи постигна многу голови против Јувентус, а сеизмографите регистрираа дури и земјотрес...

Многу е важно да се постигне гол против Јувентус бидејќи знаеме дека тие мечеви се посебни за Наполитанците. Двата гола на Сан Паоло и голот во Супер купот нема никогаш да ги заборавам.

Ако ти кажам едно име што ќе додадеш по него: Лотито...

Лацио е минато, за мене тоа беше важен тим кој ми помогна да се развијам како фудбалер на големо ниво. Благодарност на Делио Роси и на клубот за довербата која ми ја додаоа. На крај нешто се скрши и патиштата ни се раздвоија.

Жозе Мурињо?

Голем тренер, со него освоив сè, а за еден играч е сон да освои тоа што го освои тој. Ќе остане во историјата.

Валтер Мацари?

Уште еден тренер кој ми помогна многу. Кога дојдов во Наполи, не бев кондиционо спремен, а тој наметнува убиствено темпо на работа. Ми рече дека ако не успеам да се вратам во форма ќе мора да си одам, тоа ќе го памтам засекогаш.

Очекуваше дека ќе го отпуштат?

Не, знам како работи, но во Интер е тешко и навивачите се навикнати секогаш на победи. Не му беше лесно, таму се сменија работите почнувајќи од раководството и ми е жал за него. Ова е прв пат да го отпуштат од работа, се надевам дека ќе се врати брзо да тренира.

На Бенитез му завршува договорот, какво претчувство имаш за него?

Не знам, се слушам со пријатели од Италија, но не го следам многу италијанскиот фудбал. Се надевам дека ќе остане и дека ќе продолжи со проектот за кој зборува Де Лаурентис, а тоа е освојување на Скудетото, бидејќи навивачите тоа го заслужуваат.

Во Серија А постигна 99 голови, кога ќе се вратиш за 100-от? Се зборува дека те следат Фиорентина и Торино...

Сега мислам на Галатасарај и имам уште една година од договорот. Би ми било мило да се вратам во Италија, се надевам тоа ќе се случи еден ден и дека ќе стигнам до 100-та. Фиорентина и Торино се важни клубови, но нема ништо од тоа и со никој не сум се слушнал. Концентриран сум на работата и среќен сум тука со семејството.

22 декември 2014 - 11:32