По заминувањето на Маурицио Покетино во Тотенхем, Саутемптон го назначи Холанѓанецот Роналд Куман за нов тренер на екипата, која со Аргентинецот заврши како осмопласирана минатата година.
Промоцијата на играчи од младинската категорија во првата екипа е пракса која што на Саутемптон изминативе години му донесе и резултат и голема заработка. Традицијата најдобрите играчи на Саутемптон да заминат во поголемите англиски клубови се продолжи и летово, кога половина екипа ја смени средината.
Заминаа:
- Лук Шо (18 години, Манчестер Јунајтед, 27 милиони фунти);
- Калум Чемберс (19 години, Арсенал, 16 милиони фунти);
- Адам Лалана (26 години, Ливерпул, 25 милиони фунти);
- Дејан Ловрен (26 години, Ливерпул, 30 милиони фунти);
- Рики Ламберт (30 години, Ливерпул, 5 милиони фунти).
Пристигнаа:
- Грацијано Пеле' (27, Феенорд, 8 милиони фунти);
- Душан Тадиќ (26, Твенте, 14 милиони фунти);
- Рајан Бертран (27, позајмен од Челси);
- Шеј Лонг (28, Хал Сити, 15 милиони фунти);
- Тоби Алдервилд (26, позајмен од Атлетико Мадрид);
- Флорин Гардош (26, Стеауа Букурешт, 6,8 милиони фунти).
Успешната политика на клубот се гледа и во работата во изминатите неколку години, кога Герет Бејл, Алекс Окслејд-Чембрлен и Тео Волкот направија големи трансфери и на клубот му донесоа вистинско богатство. Од продажбата на овие тројца, Саутемптон заработил вкупно 34 милиони фунти, а сите го напуштија „Британија“ стадионот како тинејџери.
„Мислам дека Саутемптон е моделот кој го следат не само англиските, туку и големите европски екипи. Имплементирањето млади играчи во првиот состав се покажа како добитна комбинација и клубот опстои благодарение на нив“, изјави Мет Крокер, кој бил директор на младинската школа на „светците“ од 2005-та до 2013-та.
Во досегашниот тек од првенството, Саутемптон има 4 победи, една нерешена средба и 3 порази и со 13 бодови е на третата позиција, зад Челси и Манчестер Сити.
Пофални зборови за тренерот Куман имаат и од неговиот претходен клуб, Феенорд Ротердам.
„Уште кога Марио Бен беше тренер на екипата, ние бевме во голема финансиска криза. Со доаѓањето на Куман, сфативме дека треба да се фокусираме на младинската школа. Куман ги следеше сите натпревари на сите младински категории. Немаше голем буџет на располагање, па во негово време се промовираа играчи како Џон Гвидети, Жорди Класи (капитен на екипата), Дарил Јанмат (замина во Њукасл), Тони Вилена и Жан-Пол Бојтиус“, вели Дамјан Хертог, директорот на младинската академија на Феенорд.
Во 7 одиграни кола, Саутемптон славеше против Свонси (0:1) и Вест Хем (1:3) на гости, против Њукасл (4:0) и против КПР (2:1) на домашен терен. Избраниците на Роналд Куман загубија на гостувањата против Ливерпул (2:1) и Тотенхем (1:0) а ремизираа против ВБА (0:0). Саутемптон постигна 11 а прими 5 голови во досегашниот тек од првенството. Италијанскиот репрезентативец Грацијано Пеле' со 5 и Французинот Морган Шиндерлин со 4 гола се први стрелци во тимот.
„Светците“ успешно играат и во Лига купот, каде го елиминираа Арсенал (1:2) во третата рунда, а понатамошен пласман изборија и во ФА купот каде славеа против Милвол (0:2).
По двонеделната пауза поради квалификациите за ЕП 2016, Саутемптон на домашен терен ќе го пречека Сандерленд на 18.10 во сабота.