Сандерленд со гол во 95-та минута се врати во Премиер лига после 8 години

Во најскапиот натпревар на светот, вреден 220 милиони фунти, во финалето на баражот за пласман во Премиер лига, Сандерленд го совлада Шефилд Јунајтед 2-1 после пресврт. „Црните мачки“ славеа со погодок во последните секунди од мечот кога навивачите излудеа од радост на преполниот „Вембли“.

Пред повеќе од 80.000 навивачи на „Вембли“ во Лондон, во големото финале на баражот од Чемпионшип за пласман во Премиер лига, Шефилд Јунајтед прв поведе против Сандерленд со голот на Тајрис Кембел во 25' минута. Цел час водеше Шефилд Јунајтед бодрен од своите навивачи.

Но во 76-та минута најпрвин Елиезер Мајенда израмни на 1-1, а во 90+5' минута настана делириум на „Вембли“ откако Том Вотсон погоди за 2-1 и целосен пресврт.

Сандерленд се пласираше во Премиер лига за првпат после сезоната 2016/2017. Во меѓувреме дури и четири сезони играа во трета лига што им падна тешко на навивачите кои сега „се во рајот“.

Во Премиер лига одат Лидс јунајтед, Барнли и Сандерленд, а испаднаа во втора лига: Лестер, Ипсвич и Саутемптон.

25 мај 2025 - 13:13