Сакаме повеќе вакви викенди!

Не дека другите викенди има нешто помалку спорт, но изминативе неколку денови беа преполни со врвни настани кои ги задоволија вкусовите на сите спортски сладокусци и покрај тоа што се случија неколку невообичаени настани на фудбалските терени.

Овој викенд беше историски. Викендов ќе остане запаметен големиот број на дерби натпревари, но и како викенд кога беа понижени шампионите. На барем пет натпревари во Европа актуелните шампиони беа надиграни во неделата, а помеѓу нив е и нашиот шампион Вардар.

Спартак - ЦСКА 3:0
Клуб Бриж - Андерлехт 4:0
ПСВ - Ајакс 4:0
Манчестер Сити - Манчестер Јунајтед 4:1
Шкендија - Вардар 3:1

Овој викенд ќе остане запаметен и по неколку невообичаени настани и исходи кои се случија на фудбалските терени. Барселона имаше само 48% посед на топка против Рајо Ваљекано, Балотели промаши пенал, Џон Оби Микел го постигна првиот гол, Манчестер Јунајтед загуби и тоа кога судија беше Хуард Веб... но некои работи беа и нормални, како на пример тоа што дербито на Истанбул не го доживеа крајот.

Одиме со ред:

Шалке - Баерн 0:4 (0:2)
Швајнштајгер 21, Манџукиќ 22, Рибери 75, Пизаро 84
Шалке ја продолжи црната серија против шампионот. Баерн Минхен нема примено гол од Шалке две години и многу полесно од очекувањето славеше со 0:4.

Манчестер Сити - Манчестер Јунајтед 4:1 (2:0)
Агуеро 16, 47, Туре 45+1, Насри 50 - Руни 87
Шампионот Манчестер Јунајтед го одигра најслабиот натпревар оваа сезона и доживеа тежок пораз од градскиот ривал Манчестер Сити.

Рома - Лацио 2:0 (0:0)
Балѕарети 63, Љајиќ 90
Екипата на Рома ја прослави најслатката победа на вечното римско дерби против Лацио и продолжува со максималниот учинок по четири одиграни кола во Серија А.

Милан - Наполи 1:2 (0:1)
Балотели 90 - Бритос 6, Ихуаин 53
Наполи прослави важна победа на гостувањето кај Милан на натпревар на кој централна фигура беше Марио Балотели кој за прв пат во кариерата промаши пенал, потоа постигна прекрасен гол, а на крајот заработи и црвен картон. Горан Пандев во игра влезе во 67-та минута.

Спартак Москва - ЦСКА Москва 3:0 (1:0)
Озбилиз 40, Комбаров 52, Паршивљук 59
Спартак целосно ја надигра и понижи ЦСКА во дербито помеѓу најголемите ривали во Русија.

ПСВ - Ајакс 4:0 (0:0)
Матавж 53, Вилемс 61, Хијемарк 64, Парк 68
Фудбалерите на ПСВ ја искористија лошата форма на Ајакс и го демолираа Ајакс за 15 минути во дербито на холандската лига.

ПСЖ - Монако 1:1 (1:1)
Ибрахимовиќ 5 - Фалкао 21
Долгоочекуваното милионерско дерби на Франција заврши без победник, а стрелци на по еден погодок беа Ибра и Фалкао.

Бешикташ - Галатасарај 1:2 (1:0)
Алмеида 18 - Дрогба 60, 72
Ништо ново во Турција и ништо ново од Фелипе Мело. Фудбалерот на Галатасарај со остар старт во втората минута од судиското продолжение предизвика револт кај навивачите на Бешикташ кои влетаа на терен и го прекинаа натпреварот.


Освен фудбалот, викендов гигантот Барселона му се провлече на нашиот ракометен шампион Вардар, Франција стана европски шампион во кошарка, Фетел ја зголеми предноста во Формула 1 шампионатот...

23 септември 2013 - 10:03