Фуриозно и доста мотивирано ракометарите на Вардар ја започнаа европската одисеја во Лигата на шампионите. Со голема поддршка на комитите и преполната сала „Борис Трајковски" Вардарци први поведоа на мечот и набрзина имаа предност од 4:2.
Серијата на нашите ракометари продолжи со брз ракомет и неколку контра напади. По 7 минути играа големата Барселона имаше негатива од -4 гола, а тоа се должеше благодарение најмногу на Карачиќ и новото засилување Дибиров кој постигнаа во првиот дел по 5 погодоци.
Но Каталонците ги консолидираа своите редови и во 18 минута од натпреварот за прв стигнаа до водство од 11:10. Тоа значеше серија на шпанскиот состав и поголема контрола во играта со што на пауза заминаа со предност од 18:14.
И покрај тоа што Каталонците ја стабилизираа играта и го контролираа резултатот, Црвено црните и вториот дел го почнаа во ист стил и повторно фуризно влегоа во одлична серија од 6:1 за прв нерешен резултат во вторите 30 минути од 23:23. По кратко време преминаа и во водство од еден гол разлика.
Шанса во вториот дел од мечот Кастратовиќ му даде и на младиот Душебаев кој одлично се снајде на дебито за Вардар во Лигата на шампионите и беше еден од најзаслужните во серијата со 5 постигнати погодоци.
Натпреварот во последните 10 минути влезе во голема неизвесност и беше речиси постојано нерешено.
Барселона повторно поведе, но избраниците на Кастратовиќ одлично се носеа со фаворитот на овој дуел и на 3 минути до крајот имаа водство од 29:28.
На 2 минути до крајот Дибиров имаше топка за два гола разлика, но Штербик беше поуспешен очи во очи со него, а Каталонците во следниот надап го израмнија резултатот. Вардар го имаше завршниот напад но не успеа да постигне погодок за голема победа.
Вториот наш претставник во Лигата на шампионите, екипата на Металург со триумф на гости против Тун од 23:22 ја започна новата сезона на европската сцена. Ракометарите од Автокоманда имаа многу проблеми во завршницата од мечот откако на 5 минути до крајот имаа водство од 5 гола разлика.
Домаќините направија серија од 4:0 за нешто повеќе од 2 минути, но во завршините 30 секунди избраниците на Лино Червар успеаа да го задржат минималното водство и да ја осигураат победата.