Супер фудбалски викенд

И да врне и да вее викендов ич да не ви е мака. Заборавете ја малку работата, откажете го состанокот со девојката, грабнете го далечинскиот управувач и опуштете се со фудбал. Следува најголемиот спортски викенд што можевме да го посакаме, преполн со дерби мечеви.

АНГЛИЈА
Манчестер Јунајтед – Манчестер Сити (недела, 17:00)
За почеток ви го нудиме едно од најстарите и највозбудливите дерби мечеви на планетава помеѓу двете екипи од Манчестер кои ги освоија последните две титули во Премиер лигата. Ова ќе биде нивно 166 соочување, а првото им се случи во далечната 1881 година. „Црвените Ѓаволи" се поуспешни со 69 победи, Сити победил 46 пати, а 50 натпревари завршиле нерешено. Двата тима до сега имаат по 7 бода и се главни фаворити за освојување на шампионската титула.

ГЕРМАНИЈА
Шалке – Баерн Минхен (сабота, 18:30)
Еден од првите поголеми предизвици за Пеп Гвардиола во Бундес лигата е првиот дерби натпревар за него кој Баварците го играат на гости во Гелзеркирхен. Баерн добра почна во првенството со четири победи и едно реми, за разлика од Шалке кој до сега има два порази. И двата тима влегуваат победнички во овој дуел по настапите во Лигата на шампионите. Баварците во меѓусебните дуели се подобри со 48 победи, Шалке триумфирал 19 пати, а 25 меча завршиле без победник.

ФРАНЦИЈА
ПСЖ – Монако (недела, 21:00)
Едно од најинтересните соочувања овој викенд ќе биде и средбата помеѓу моќните ПСЖ и Монако кои како да почнаа да се тркаат кој ќе донесе поскап играч. Од оваа сезона во француското првенство на Катарците кои го имаат тимот од Париз им се спротистави рускиот тајкун Риболовљев, кој почна наеднаш да го засилува повратникот во првата лига. ПСЖ го купи Кавани, а Монако одговори со Фалкао.

ИТАЛИЈА
Рома – Лацио (недела, 15:00)
Вечното дерби или „Il derby della capitale" е познат како меч помеѓу две големи ривалста како помеѓу екипите, така и помеѓу навивачките групи. Во недела тоа ќе биде 159 дерби помеѓу Рома и Лацио, а последното се случи на 26 мај оваа година кога овие две екипи за прв пат се сретнаа во финалето од Купот на Италија. Пехарот го подигнаа Лацијалите благодарение на голот на Лулиќ во 71 минута, а како продолжение на големото славје кое траеше со денови, навивачите оваа сезона со овации ја поздравуваат 71 минута од секој меч на кој играат „Бјанкочелестите". Симболот на Рома, Франческо Тоти е рекордер по три нешта на ова дерби. Има одиграно вкупно 37, победено 12 и загубено 15 пати.

Милан – Наполи (недела, 20:45)
Како продолжение на неделното уживање со италијански фудбал, во вечерниот дуел Милан го пречекува тимот на Наполи. Од овој дуел очекуваме голема неизвесност и борба затоа што се работи за две исклучително квалитетни екипи кои ќе се обидат да го сопрат Јувентус во Серија А во борбата за титулата. Кај „Росоњерите" поради повреда го нема повратникот Кака, но Алегри се потпира на брзината на младите Балотели и Ел Шарави. Наполитанците по продажбата на Кавани се засилија со многу квалитетни играчи и нов тренер, а најмногу се очекува од Гонзало Игуаин кој пред неколку дена го запали „Сан Паоло" со погодокот против Борусија Дортмунд. Во првиот состав во тандем со него се надеваме дека ќе настапи и нашиот Горан Пандев.

ХОЛАНДИЈА
ПСВ – Ајакс (недела, 16:30)
Можеби не е големо дерби како што е Ајакс – Феенорд, но сепак привлекува големо внимание. Ајакс е најуспешен тим во историјата на холандскиот фудбал, додека ПСВ освои најмногу титули во првенството во последните 20 години. Ривалството и борбата за домашната титула стануваат се поголеми.

РУСИЈА
Спартак Москва – ЦСКА Москва (недела, 11:30)
Најголемото ривалство во Русија. ЦСКА е клуб оформен од војската, а Спартак е „народен клуб". За тоа колку не се поднесуваат овие два клубови говори и фактот што на едно дерби неодамна беа уапсени 695 навивачи.

ТУРЦИЈА
Бешикташ – Галатасарај (недела, 18:00)
Се работи за двете најуспешни екипи во турскиот фудбал кој редовно ги гледаме и на меѓународните натпреварување. Историјата помеѓу ова големо локално дерби од Истанбул е долга. Галатасарај е поуспешен со 116 победи, 105 пати триумфирале фудбалерите на Бешикташ, а дури 111 средби меѓу нив завршиле нерешено. За турските навивачи добро знаете дека се работи за едни од најтемпераментните во светот кои грмат на трибините.

МАКЕДОНИЈА
Шкендија – Вардар (недела, 15:30)
Ако сакате да прошарате и со малку домашен фудбал имате дерби и во нашата прва лига. Во Тетово екипата на Шкендија го прочекува актуелниот шампион Вардар.

Можеби на некој ова не му е доста или сака да гледа и некој друг спорт па затоа како дополнителна понуда ви ја нудиме ракометната Лига на шампионите и првите мечеви на Металург и Вардар кои се играат во сабота попладне.

Во недела се вози и трката во Формула 1 за Големата награда во Сингапур, а за љубителите на кошарката во истиот ден го имате финалето од Евробаскетот во Словенија.

20 септември 2013 - 17:54