Селекторот Милевски направи мали промени во составот за разлика од мечот со Бугарија (1:1), па Илиев застана на голот наместо Димитриевски а шанса во одбраната добија и Тодоровски и Серафимов кој дебитираше и ќе го памети првиот меч за репрезентацијата по пријатно гостување на Гибралтар.
Уште од првата судиска свирка тргнавме отворено по што побрз гол со цел да се ослободи психолошката бариера, па Трајковски во 5' минута даде гол но судијата го поништи поради офсајд.
Три минути подоцна Милан Ристовски погоди пречка, а во 18' минута обично стабилниот Муслиу направи една кардинална грешка и несмасно врати топка кон голманот Илиев, па шпицот на Гибралтар Валерино за малку не постигна гол.
Енис Барди во 21' минута конечно го скрши отпорот на ривалот. По еден корнер Алиоски го проигра фудбалерот на Леванте кој маестрално тргна кон голот на Гибралтар и погоди за 0:1.
И покрај бројните прилики на македонските фудбалери, овој резултат остана до полувремето.
Поседот на топка и доминацијата на македонските фудбалери продолжи и во вториот дел но без онаа фуриозна офанзива од првите 45 минути.
За некое чудо Гибралтар како да се осоколи после полувремето и освои повеќе дуели во средниот ред па од такви ситуации се создадоа и шанси пред нашиот гол но Илиев беше сигурен.
Милевски како и со Бугарија реши да освежи со браќата Давид и Дориан Бабунски, влезе и Ашковски а од игра излегоа Ристовски, Џани Алиоски и Елиф Елмас.
Игравме рутински, без сериозни драми пред двата гола подолго време. Во 84' минута Бобан Николов искористи еден груб кикс на одбраната на просечниот ривал и го совлада Колинг за конечни 0-2.
Македонија после 2 одиграни кола во Лига Нации има 4 бода. Следат два домашни дуели, против Грузија на 9. јуни па после против Гибралтар на 12. јуни на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.