Во летото 2004-та Вејн Руни на свои 18 години нарави светски земјотрес откако потпиша договор со Манчестер Јунајтед кој за него одвои 27 милиони фунти, ден-денес огромна сума за еден тинејџер.
Ова беше и уште е еден од најголемите рекордни излезни трансфери на Евертон.
Но Руни сега откри дека во тоа време иако млад добивал закани по живот од некои навивачи на тимот од Гудисон Парк.

„Добивав смртни закани. Куќата на моите беше исшкртана со спреј и вандализирана. Девојка ми во тоа време, а сегашна сопруга, исто нејзината куќа беше искшртана со спреј.
Мислам дека тогаш треба да си ментално силен. Луѓето околу тебе мора да ти помогнат. Преселбата беше тешка зошто отидов во Манчестер Јунајтед, а Ливерпул и Манчестер се толку големи ривали така што тоа го правеше уште потешко.
Но секогаш бев на мислење 'баш ми е гајле'. Знаев што сакам и знаев како да стигнам до тоа. Морав да останам јак умствено. Ова беа луѓе од мојот град така што беше тешко но си мислев 'не бери гајле', мораш да бидеш себичен и да одлучиш“.
„МИЛИОНИ ТЕ ГЛЕДААТ“ - РУНИ ЗА ПРИТИСОКОТ
Кога Руни се пресели во Манчестер Јунајтед во тоа време имаше далеку помалку друштвени мрежи, со чија огромна застапеност сега се создава поголем притисок на младите фудбалери во модерниот фудбал.
Постариот син на Руни, Каи, во моментов е во академијата на Манчестер Јунајтед и Вејн вели дека е многу важно малиот да има силна поддршка додека пробува да стане професионален фудбалер.
„Сега разликата е во друштвените мрежи. Кога јас бев мал, бев во весници така што сите во Ливерпул ме знаеа. Сега син ми има 16 години и има профили на друштвени мрежи. Игра за Јунајтед, спонзор му е Пума и има стотици илјади или милиони луѓе кои ги гледаат уште додека се млади, а јас го немав тоа.
Да се биде млад фудбалер и да се стигне во прв тим посебно, веднаш те судат. Дали со право или не, те осудуваат и тогаш ти требаат многу луѓе околу тебе, луѓето од клубот или семејството да те сочува на добро место.
Навистина е важно луѓето кои се близу тебе да ти мислат најдобро. Тоа е главно“.
КОГА РУНИ СЕ ДОПИШУВАЛ СО ЗАТВОРЕНИОТ ДАНКАН ФЕРГУСОН
Вејн Руни откри неверојатна анегдота дека тој се допишувал со легендарниот и култен шпиц на Евертон, Данкан Фергусон додека овој бил во затвор поради напад.
Во 1995-та година, кога Руни имал 10 години, легендата на Евертон, високиот и снажен центарфор Данкан Фергусон отслужувал 44-дневна затворска казна зошто со глава го разбил бекот на Рејт Роверс Џон МекСтеј додека Фергусон играл за Ренџерс.
„Бев младо дете кое навива за Евертон така што му пишував во затвор и тој ми одговараше“, се сеќава Руни на неверојатната анегдота.
„Му пишував колку многу го сакам. Тој ќе кажеше 'Фала, многу ми значи'. Очигледно кога си во затвор ти значи се“.
Руни во 1996-та дошол во школата на Евертон а на 16 години во 2002-ра година дебитираше за прв тим додека Данкан Фергусон уште беше во клубот.
„Моето семејство, сите сме големи Евертонци, така што Данкан Фергусон знаеше да ме носи дома додека мајка ми и татко ми го гледаа од прозор и му мавтаа. Тоа беше толку нереално“, вели Руни.


