Роналдо и другарите веќе имаат искуство со играње баражи, има и Македонија

Поразот од Србија на домашен терен 1:2 во ситуација кога им одговараше и нерешено за да обезбедат директен пласман на Светско првенство, ги примораа Португалците да ја спасуваат кожата во новиот формат на бараж со полуфинале и финале. Ја чекаа Италија но им доаѓа најголемата европска фудбалска сензација денес, Македонија.

Откако добија студен туш од Александар Митровиќ во 90’ минута од мечот на стадионот „Луж“ за 1-2, Португалците сега се целосно будни и знаат дека не смеат да ја потценат македонската фудбалска репрезентација.

Португалците на „Драгао“ ја совладаа Турција 3-1 минатиот четврток, а сега на исто место во исто време ја чекаат Македонија. Ќе се обидат да го повторат она што им успева од 2000-та, да не пропуштат финална фаза од некое големо натпреварување, било Светско или Европско првенство. 

Поранешниот европски шампион од 2016-та веќе има искуство со играње тензични бараж натпревари чиј влог е огромен - пласман на Европско или Светско првенство. Два пати во историјата биле во таква ситуација да се биде или не.

На 11 ноември 2011-та, Босна и Херцеговина ја пречека Португалија во првиот натпревар од баражот за пласман на Евро 2012 во Полска и Украина. Босанците предводени од Џеко, Пјаниќ и Мисимовиќ веруваа дека можат да го искористат добриот моментум и формата од квалификациите за да го скротат Роналдо и другарите.

Но на стадионот во Зеница, Жоао Мутињо, Нани, Хелдер Постига, Пепе, Роналдо, Фабио Коентрао и другите го затворија натпреварот без голови.

На реваншот само четири дена подоцна, на стадионот „Луж“ на Бенфика, Португалија до врв ја наполни мрежата на Босна и Херцеговина 6-2 (два гола на Роналдо и Постига, по еден на Нани и Мигел Велозо, кај Босанците погодија Мисимовиќ и Спахиќ) и заслужено се пласираа на Европското 2012 во Полска и Украина.

На 15 ноември 2013-та Португалија играше прв меч со Шведска во баражот за пласман на Светско првенство 2014 во Бразил.

Португалците го добија првиот меч 1-0 со гол на Кристијано Роналдо во 82’ минута и кога имаше непознаници дали оваа предност ќе биде доволна, во реваншот на 19 ноември Роналдо постигна хет-трик за триумф 2-3 во Стокхолм и со вкупни 4-2 Португалија отиде на Мундијал.

Од тој состав денес во селекцијата се ветераните Руи Патрисио, Пепе, Жоао Мутињо и Роналдо.

И МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ БАРАЖ ОБЕЗБЕДИ ПЛАСМАН НА ПРВО ИСТОРИСКО ЕВРОПСКО

Преку Лига на нации, македонската фудбалска репрезентација најпрвин го совлада Косово во полуфиналето од баражот за да во финалето подоцна, на гости со 0-1 со гол на Горан Пандев во 56’ минута победи и обезбеди историски прв настап на едно големо Европско првенство.

Мечот во Тбилиси беше до тој момент со најголема историска тежина затоа што првпат ни се пружи шанса да победиме соодветен ривал и да заминеме на Евро 2021.

Успеавме во намерата. Победивме, а Елмас, Барди, Адеми, Муслиу, Столе Димитриевски и другите стекнаа големо искуство од еден толку важен натпревар кој буквално беше да се биде или не. Вечерва ги чека нов, многу, многу посериозен предизвик.

Роналдо даде изјава за Македонија

29 март 2022 - 11:52