Роналдо даде изјава за Македонија

Петкратниот владетел на наградата Златна топка за најдобар играч на цел свет, Кристијано Роналдо делува смирено во пресрет на финалниот меч од баражот за пласман на Светско со Македонија и апелира до соиграчите дека не смеат да го потценат ривалот.

Натпреварот се игра од 20:45 часот во Порто, на мегаломанскиот стадион „Драгао“ кој ќе крца до последно место. На едно од последните обраќања пред новинарите, Кристијано Роналдо за СпортТВ одговорил на неколку прашања.

„Утре е финале и спремни сме. Фаворити сме? Не го сфаќам баш најдобро ова, но себеси секогаш се сметам за фаворит, било дома или на гости. Веќе знаеме дека ако победиме одиме на Светско првенство, ако изгубиме испаѓаме. Имаме одговорност да бидеме позитивни и да победиме“, го почнал Роналдо обраќањето за СпортТВ пред конференцијата за новинари.

Дали е притисокот поголем отколку за мечот со Турција?

„Секогаш постои притисок врз професионален играч, но мислам дека сите се спремни. Баш сакавме да играме со Италија или со Македонија, Македонија победи. Знам дека мислите дека ќе биде полесно, ама ќе биде исклучително тешко. Заслужија да бидат овде, но ако направиме пекол овде на „Драгао“, ќе направиме одличен резултат“.

На новинарско прашање дали Македонија е големо изненадување, Роналдо вели:

„Изненадување се, изненадија на многу натпревари, но верувам дека нас утре нема да не изненадат. Португалија е подобра и одиме на Светско првенство“.

 Како се чувствувате?

„Се чувствувам добро како и секогаш. Уште еден ден за подготовка имам и јас и моите соиграчи“.

Викаат Светско не е Светско без Роналдо?

„Светско не е Светско без Португалија, тука нема индивидуалци, група сме, сите заедно“.

На прашањето дали ова ќе биде последна шанса да се најде на уште едно Светско првенство, најголемата ѕвезда на светскиот фудбал кој има дури 4 Мундијали зад себе (2006, 2010, 2014, 2018), вели:

„Почнувам да го слушам ова прашање многу пати... Кој ќе одлучува за мојата иднина ако не јас самиот? Ако имам желба да играм повеќе ќе играм, ако не нема да играм. Јас ставам точка“.

Подоцна на прес-конференцијата пред утрешниот меч, Кристијано Роналдо излезе заедно со селекторот Сантош и даде некои интересни видувања.

„Ова ќе биде натпревар на нашите животи“.

Како стои самоувереноста на екипата?

„Прилично сме самоуверени. После она што го видов на мечот со Турција, екипата навистина сака да биде во најдобро издание утре и затоа гледам дека сите се спремни.“

За Македонија тоа е меч на нивните животи.

„За нас исто е натпревар на животот и апелирам на навивачите со голема благодарност за поддршката што ни ја дадоа на мечот со Турција, да го повторат истото. Она што барам од нив е да го направат истото, па дури и повеќе, е за химната! Сега сум сериозен.

Синоќа си легнав во кревет мислејќи на химната, дури и музиката да прекине, сите заедно да ја пееме без музика и да видиме одлучност и позитивизам. Сигурен дека ќе победиме ако Португалците бидат со нас утре како што беа во четврток“.

Дали враќањето на Пепе е големо засилување?

„Без сомнеж, Пепе е дел од екипата, мора секогаш да биде присутен. Другар сум со него, се знаеме од Спортинг од пред 20 години, имам близок однос со него и он мора да биде тука, сакам кога е тука. Он е еден од капитените, сите го почитуваат, го знаат неговото значење за групата.

Знаеме дека се работи за група не од 25 туку од 50 играчи кои селекторот ги повика. Репрезентацијата е семејство, сите весламе во ист правец, никој не поважен од другиот. Тоа е Португалија и Португалија навистина сака да биде во Катар“.

 

СЕЛЕКТОРОТ НА ПОРТУГАЛИЈА, САНТОШ:

„Последнот натпревар на Македонија не ја прикажува правата слика за оваа Македонија. Против Италија беше меч со еден правец, па затоа моравме да „копаме“ поназад, за да ги воочиме вистинските квалитети. Македонија игра одлично на гости, тоа го докажа и со триумфот над Германија, па мораме да бидеме подготвени во секое време, да одговориме на нивниот низок блок, и одличниот контра напад. Мораме соодветно да одговориме. Ова е натпревар на нивните животи, но ние треба да одговориме, со посветеност, одлучност, интензитет, дух на пожртвуваност и волја. 

Притисокот што треба да го имаме е да бидеме во Катар, тој е единствениот на кој треба да се фокусираме. Секогаш зборуваме за имиња, но Македонија заслужи да е тука, победија во Германија и во Италија. Ако не ги гледаме како целина, секако дека ќе ризикуваме. Имаме јасна цел, а тоа е да бидеме во Катар. Почнавме против Турција и утре треба да го повториме тоа“, рече искусниот стратег.

28 март 2022 - 13:47