Рисе не ја заборавил голф палката на Белами

Џон Арне Рисе после 9 години прозборе за фамозната тепачка со неговиот поранешен соиграч во Ливерпул, Крег Белами.

Двајцата со недели беа на насловните страни во 2007. година откако Белами го нападнал Норвежанецот со голф палка за време на подготовките на клубот во Алгарве, Португалија. Велшанецот подоцна во својата биографја акцијата ја опиша како „патетична“ и „глупост од најголеми размери“.
 
Рисе запиша дури 339 настапи за Црвените пред да замине во Рома во 2008. година и кажа дека инцидентот што дошол на само неколку дена пред дуелот со Барселона во ЛШ се случил по расправија во караоке бар.
„Нè пуштија да излеземе на тимска вечера последната ноќ и паметам дека Рафа Бенитез ни кажа дека смееме да се напиеме по едно пиво. Некој нормално испи повеќе од едно. Имавме приватна соба во караоке барот. Белами се обрати: Џинџ ќе пее, а јас одговорив: Не, нема да пеам. Сè друго може, ама да пеам нема шанси. Белами не престана, залудно му велев не не не. Кога го зема микрофонот и на глас викаше Џинџ ќе пее сега момци, го потегнав и му реков да престане.
 
Си отидов назад во собата. Цимер ми беше Даниел Агер. Кога слушнав како се отвора вратата, мислев дека Дан доаѓа, но кога се вклучи светлото видов само голф палка како ме удира неверојатно силно по грб“, раскажа Рисе за Ливерпул Ехо.
Сè ќе беше во ред, Белами да не направаше нов циркус. По ефектниот гол за победа од 1-2 против Барса на Камп Ноу, Велшанецот го прослави голот така што имитираше удар со голф палка. Во финалето таа година, Ливерпул загуби од Милан.
„Скокнав од креветот додека Белами уште замавнуваше. Ми кажа: Утре во 9 сабајле пред мојата соба. Дојдов од 8.45 и го чекав до 9.10, но немаше никаков знак од него“.
35-годишниот лев бек изјави дека многу се конфронтирал со Крег Белами, но сфатил дека тоа може да му се одрази на кариерата во Ливерпул.
„На доручекот сите момци се смееа, а кога дојде Белами му аплаудираа. Сакав да реагирам, но на крајот баталив. Зошто? Затоа што не сум фајтер. И се плашев дека тоа би можело да значи и крај на кариерата во Ливерпул“, заклучува легендарниот бек со топовски удар.
27 јануари 2016 - 15:11