Авионската несреќа се случи на 3. април 1961. година на полноќ, кога авионот Даглас ДЦ-3 го загубил правецот и се урнал кај еден од врвовите на планинскиот масив на Андите.
Фудбалерите на тимот Грин Крос се враќале во чилеанската престолнина Сантиаго од градот Осорно на југот од Чиле, каде играле натпревар од националниот куп. Утрината малиот град Осорно ја прославувал минималната, но вредна победа на својот омилен тим.
Поразениот Грин Крос полека се пакувал за враќање во Сантиаго, град оддалечен дури 945 километри од Осорно. но поради гужва во авионскиот сообраќај за Велигден, фудбалерите морале да си заминат два дена по завршувањето на мечот и тоа со два различни летови.
„Алфредо! Еј, Алфредо! Слушај, земав карта за овој побавниот авион, те молам да се замениме, затоа што во овој твојот, побрзиот има некои луѓе кои ги познавам. Ај да се замениме, те молам“, му рекол Хектор Толедо на соиграчот Алфредо Гутиерез.
Алфредо прифатил, ја земал картата на која стоело името на соиграчот и влегол како да е Хектор Толедо во авионот кој побавно ќе патувал до Сантиаго. Хектор се префрлил во побрзиот кој бил кобен и со кој летале уште седуммина фудбалери на Грин Крос, нивниот тренер Арналдо Васкез Бидољо и судиите, што со останатите членови на посадата биле вкупно 24 патници.
Меѓу загинатите фудбалери бил и Елисео Мурињо, победник на Копа Америка со Аргентина во 1955. и 1959. година и член на составот на Аргентина за СП 1958. Остатокот од тимот не верувал што се случило, затоа што преживеале само четворица од осум фудбалери од првиот состав на Грин Крос.
Кога по неколку часовното патување, многу слетувања и полетувања, авионот конечно стигнал во Сантиаго, на аеродромот ги пречекале многу новинари, фудбалски работници и навивачи.
„Загинаа! Сите загинаа до еден!“, викале во глас присутните, а напаѓачот Алфредо Гутиерез не разбирал ништо. Конечно сфатиле дека, оној „побрзиот“ авион, Даглас ДЦ-3 го снемало од радарот на три минути пред полноќ. Потрагата за авионот траела со часови, со денови и конечно осмиот ден, официјално е соопштено - авионот се срушил и нема ниту еден преживеан. Потрагата по остатоците и по телата продолжила со месеци, а погребот симболично е организиран со празни ковчези.
Половина од екипата Грин Крос била испратена во вечност, на погребот со многу присутни навивачи и клупски раководители.
Екипата сезоната направила чудо по трагедијата и останала во првата лига како 12-то пласирана, но следната година не успеале да обезбедат опстанок. Година дена подоцна, Грин Крос престанува да постои. Клубот се сели 500 километри појужно, во Темуко и го менува името поради спојувањето со тамошната екипа.
По 54 години тишина, планинари на високите Анди ги пронашле деловите од срушениот авион Даглас ДЦ-3, заедно со скелетите на загинатите патници. Меѓу нив биле и трагично загинатите членови на Грин Крос од 3. април 1961. година.
„Кога видов и слушнав на телевизија, почувствував... Како да ви опишам? Токму јас требаше да бидам во тој авион, спремен бев да полетам“, со солзи се присети Алфредо Гутиерез, кој во едно ќоше од својата соба и натаму ја чува картата со која влегол во „побавниот“ авион. На неа и натаму пишува Хектор Толедо.
Конечното решавање на мистеријата ќе му овозможи на тимот повторно да се собере заедно и достојно да ги испрати соиграчите кои трагично загинаа.