Иако до крајот на оваа сезона има уште околу три месеци, во англиските лиги веќе е постигнат рекорден број на отпуштања на тренерите во последните 6 години. Од почетокот на сезоната 2012/2013 од тренерските клупи се заминале дури 37 луѓе. Од нив 28 биле отпуштани од страна на раководствата на клубовите, а 13 сами одлучиле да си заминат.
Од Премиер лигата си заминаа само тројца, кои беа отпуштени уште во август месец. Роберто Ди Матео од Челси, Марк Хјуз од Квинс Парк Ренџерс и Најџел Адкинс од Саутемптон.
Под најголем притисок очигледно се тренерите од „Чемпионшип" кои се борат за влез во елитното премиерлигашко друштво. Од вкупно 24 тренери кои ја стартуваа сезоната дури 14 останале без работа, а тоа е дупло повеќе за разлика од минатата сезона.
Најмногу тренери сменија Нотингем Форест и Блекбурн. Раководството на Нотингем ги отпушти Шон О'Дрискол и Алекс Мклеиш, а во моментов осмопласираната екипа ја води Били Дејвис. Иста е ситуацијата и во таборот на Блекбурн каде Мајкл Аплетон е трето тренерско име во тимот.
Голема е "чистката" и во третата и четвртата англиска лига каде вкупно до сега си заминаа 20 тренери. Последниот од нив е Паоло Ди Канио, кој и покрај фантастичните резултати со тимот на Свиндон, одлучи да поднесе оставка поради несогласувања со раководните луѓе.
Англиските медиуми пишуваат дека следните двајца стратези кои веројатно ќе си заминат од Премиер лигата се Арсен Венгер и Роберто Манчини. За французиот тоа е тешко за верување затоа што пред само неколку дена раководството му даде доверба за уште две години.
За разлика од него, италијанскиот стратег е во очајна ситуација, затоа што беше елиминиран уште во групната фаза во Лигата на шампионите, а во домашното првенство заостанува 12 бода зад градскиот ривал.