Рекордмајстер Баерн Минхен

Баварците имаат шест победи по ред во Бундеслигата, а последен пат галопираа во Бремен против Вердер каде славеа 4:0 и стигнаа до 24-та првенствена победа. До крајот имаат прилика да урнат неколку рекорди, поставени од нив, но и од други екипи.

Минатата сезона, Баерн Минхен ја освои титулата во Бундес на седум кола пред крајот, кога Гвардиола реши да не дава повеќе гас во финишот.

Таквиот пристап на Гвардиола почна да се одразува врз екипата и во Европа, така што следуваше дебакл од Реал Мадрид во Минхен 0:5. Баерн ги освои домашните куп и првенство, но тоа не беше доволно за навивачите, кои сега сакаат финале на ЛШ во Берлин.

НАЈМНОГУ ПОБЕДИ

Дваесет и девет. Ако Баерн го задржи победничкиот менталитет во првенството и ги освои сите бодови до крајот, ќе го израмни рекордот од претходните две сезони кога имаше исто по 29 победи.

НАЈМАЛКУ ПРИМЕНИ ГОЛОВИ

Пепе Реина во саботата стана првиот шпански голман што бранел во Бундеслигата и поранешниот голман на Ливерпул ја сочува својата мрежа. Баерн Минхен прими само 11 голови досега сезонава, од кои дури 4 против Волфсбург на гости. Рекордот е 18 примени голови во една сезона, така што Баерн ќе гледа да не прими повеќе од 7 голови до крајот.

НАЈМНОГУ ПОСТИГНАТИ ГОЛОВИ

Баерн досега сезонава даде 70 голови на 25 натпревари и сакаат да го срушат рекордот од сезоната 1971-1972, кога дадоа 101 гол со легендарниот Герд Милер кој постигна 40. Во претходните две сезони, европските прваци од 2012 даваа 98 и 94 голови и малку им фалеше да го достигнат рекордот.

НАЈМАЛКУ ПОРАЗИ

Избраниците на Гвардиола сезонава загубија само еднаш и доколку до крајот од првенството немаат уште еден пораз, ќе го израмнат рекордот од сезоните 1986-1987 под Удо Латек и оној неверојатниот под Јуп Хајнкес кога освоија тројна круна во 2012-2013.

НАЈДОБАР ДОМАШЕН РЕКОРД

Уште пет победи на Алијанц Арена и Баерн Минхен ќе може да го собори рекордот од 16 победи на домашен терен поставен од Волфсбург во сезоната 2008-2009.

НАЈМАЛКУ ПРИМЕНИ ГОЛОВИ ДОМА

Баерн Минхен прими само четири голови во минхенската шума, од кои три дадоа Марко Ројс, Бенедикт Ховедес и Ентони Уџах. Рекордот со најмалку примени голови на домашен терен го држи Вердер Бремен од сезоната 1992-1993 кога одбраната капитулираше само пет пати дома.

НАЈМНОГУ ПОСТИГНАТИ ГОЛОВИ НА ГОСТИ

Минатата сезона, Баерн постигна 46 голови на гостински терен, а досега сезонава дадоа 30. До крајот на првенството ќе играат уште четири средби на Алијанц Арена. Ако продолжат како досега, нема да биде невозможно да постават нов рекорд.

НАЈМНОГУ НАТПРЕВАРИ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ

Рекордот со најмногу натпревари без примен гол го држи Оливер Кан од сезоната 2001-2002, кога „Кралот Оли“ на 19 средби ја сочува својата мрежа. Голманот на Германија, Мануел Ноер досега 16 пати беше несовладан сезонава на 24 натпревари. За да го сруши рекордот на Кан, Ноер ќе треба да брани на најмалку три натпревари до крајот.

НАЈТРОФЕЕН ФУДБАЛЕР ВО БУНДЕСЛИГА

Нема никакво сомнение дека Бастиан Швајнштајгер веќе сезонава ќе се израмни по бројот на освоени титули со клупските легенди Мехмет Шол и Оливер Кан, кои осум пати го креваа пехарот.