
Правните битки меѓу Реал Мадрид и комшиите во непосредна близина на стадионот за сега ги добиваат овие вторите. Причина за проблем е тоа што на Реал не му бил доволен и онака огромниот простор за паркинзи па сака дополнително да го прошири и има дозвола од градските власти за уште една голема милионска инвестиција.
По повеќегодишно реновирање и модернизација на величествениот храм на фудбалот „Сантијаго Бернабеу“ вредна околу две милијарди евра, Реал Мадрид сега сака да ги прошири паркинг местата.
Но жителите на квартот каде се наоѓа стадионот размислуваат поинаку и сакаат по секоја цена да си го сочуваат просторот па на спорната одлука на градските власти се жалеле на повеќе места. Сега Вишиот суд за правда во Мадрид донел пресуда во нивна корист па тие за сега се мирни.
На чекор е Реал чија управа сега ќе се жали кај Врховниот суд со надеж дека ќе ја добие правната војна.
„Градското собрание на Мадрид не успеа да докаже во оваа постапка дека изградбата на две паркинг гаражи од кои една планира директна врска со сопствениот паркинг на стадионот 'Сантијаго Бернабеу', ја задоволува целта од јавен и општ интерес во согласност со урбанистичкото планирање, а посебно со Специјалниот план“, стои во образложение на последната судска одлука која е на штета на „кралскиот клуб“ а на корист на локалните жители.
Реал Мадрид паралелно се обидува да добие и дозвола за организирање концерти во својот објект зошто тоа беше меѓу првичните планови за профитабилен стадион кој ќе организира и други големи настани а не само фудбал. Но и тука имаат отпор од комшиите, поради евентуална преголема бука.