Првите офсајд правила биле поставени во Кембриџ во 1848 година, но во тоа време се свирело офсајд доколку фудбалерот кој е во напад има зад себе тројца играчи. Ако има еден повеќе тогаш играта продолжува. Во 1866 година Бордот на Меѓународната фудбалската асоцијација одлучила тоа да биде со двајца играчи зад грб.
Потоа почнале да се прават првите формации во Англија која е лулката на фудбалот. Најпростата била еден назад, еден во средина и сите други во напад. Шкотланѓаните не сакале да ги имитираат па измислиле формација 2-2-6.
Фудбалската игра се уште била хаотична, бидејќи концептот на терен бил „шутирај напред и трчај“, па на местото на правилата од Кембриџ, во 1925 година се појавила школата на Шефилд од каде потекнува офсајдот кој постои и денеска.
Паралелно со револуцијата на офсајдот, била откриена и „пирамидата“ на Кембриџ за која може да кажеме дека е прва некаква формација во која играчите се учеле повеќе да си додаваат, а нивните позиции добиле имиња.
„Пирамидата“ ја користеле фудбалерите на Блекбурн кои освоиле пет трофеи во ФА купот, а тоа било првиот фудбалски концепт со кои се претставиле Британците. Во тоа време се научил да ја практикува и тимот на Џенова кој освоил девет Скудета, како и селекцијата на Уругвај која триумфираше на првиот Мундијал 1930.
Со прогресот на фудбалот, тренерите почнале да ја гледаат и филозофската страна па се појавиле две помодерни формации, „Методот W“ кој го измислил Италијанецот Виторио Поцо и „Системот WM“ кој бил на Англичаните.
„Методот“ кој формациски изгледал 2-3-2-3 бил составен од двајца дефанзивци кои имале главна задача да ги спречат противничките напади, а кога тимот напаѓал акцијата требало да почне од нив.
Оваа формација за разлика од „Пирамидата“ повеќе била дефанзивна, а ја користеле Болоња, Јувентус, потоа репрезентацијата на Италија со која Поцо освоил два Мундијали во 1934 и 1938 година, како и Австрија.
Кај „Системот“ Англичаните со формацијата 3-2-2-3 наликувале на денешната 3-4-3 каде најважна била техниката на играчите од средниот ред кои биле задолжени да прават поголем посед на топка.
Иноваторот Герберт Чепмен во 30-те години освоил пет шампионски титули со Арсенал, а првиот италијански тим кој ја користел оваа англиска формација бил тимот на Торино кој во 50-те години стигна до пет Скудета.