Раѓањето на европскиот шампион

На денешен ден во 1900-та година, 11 ентузијасти формираа свој фудбалски клуб, а веројатно ни самите не претпоставувале дека 114 години подоцна овој колектив ќе доминира во фудбалска Европа.

На 27 февруари 1900-та година, членовите на минхенскиот гимнастички клуб МТВ 1879 на својот конгрес одлучиле дека не се заинтересирани да пријават своја фудбалска екипа во Фудбалската асоцијација на Германија.

Оваа одлука ја промени фудбалската историја на Европа. Уште истото попладне 11 незадоволни членови на клубот решаваат да го напуштат и да оформат свој клуб - Баерн Минхен.

Уште од самиот почеток фудбалерите на Баерн Минхен ределе успеси, а првата национална титула ја освоиле во 1932-та година под водство на Ричард Кон.

Кон бил Евреин и го напуштил клубот во 1933-та година за да избега од Третиот Рајх и од тогаш започнале лошите денови за Баерн Минхен.

Во 1963-та година Баерн Минхен не добил покана да учествува во новоформираната Бундеслига, но две години подоцна тие се избориле за промоција во германската елита под водство на младите таленти како Франц Бекенбауер, Герд Милер и Сеп Маер.

Од тогаш започнаа ѕвездените моменти на Баерн Минхен и походот по титули. До сега тие освоија 23 титули од германското првенство, 16 од купот и осум европски титули, вклучувајќи ги и трите шампионски трофеи во серија од 1974-та до 1976-та година.

Минатата година Баерн Минхен до освои јубилејното 50-то издание на Бундеслигата и доминираше во Лигата на шампиони со што докажа дека германската машина повторно работи под полна пареа и е подготвена да ги прегази сите кои ќе им застанат на патот.

27 февруари 2014 - 15:34