Психологијата на удар од белата точка - Англичаните секогаш губат на пенали

Поучени од катастрофалните изведби на пенали на најважните нокаут натпревари на Светски и Европски првенства, Англичаните сега вежбаат да шутираат пенали пред Мундијалот во Русија. Никој како нив не промашувал пенали низ историјата.

Англиската фудбалска репрезентација 7 пати морала да шутира пенали на Светски и Европски првентва и дури 6 пати испаднала после пенал рулетот: 1990, 1996, 1998, 2004, 2006, 2012. Исклучок е само четвртфиналето на Европското 1996’ во нивната земја кога ги победија Шпанците после подобро изведување пенали.

Како се ближи Светското 2018 во Русија така Англичаните бараат од својот селектор да не им дава на играчите ни под разно да ја гледаат снимката од ЕП 1996’ кога тој шутираше пенал против Германците во полуфинале и го изведе најлошиот удар од 11 метри на целиот турнир.

22 години по тој смотан шут на Гарет Саутгејт, англискиот селектор сега сака репрезентацијата да ги избрка „лошите духови“.

Хроничното проклетство со промашените пенали го објасни и техничкиот директор на ФА Ден Ешворт: „Според некои истражувања, нашите играчи во минатото мошне брзо изведувале пенал. Кога ќе свирне судијата може да потрошите толку време колку што ви е потребно за шут. Ние со години многу брзавме. Гледајте ги другите репрезентации, не шутираат така. Има неколку интересни примери како на пример самоконтролата на Кристијано Роналдо. Тој е неверојатен“.

Поради тоа Фудбалската асоцијација на Англија смислила да направи copy paste на манирите на играчите кои се справуваат со нерви во 97’ минута од драматичен меч во Лига на шампиони пример.

Гејр Јордет за пеналите знае се. Јордет е професор на Норвешката школа за спортски науки, автор на дисертација за периферниот поглед на елитните фудбалери од среден ред и ѕвезда по спортска психологија.

Со текот на времето Норвежанецот го скратил фокусот и се сконцентрирал само на пенали. Напишал труд на тема: „Зошто англиските играчи промашуваат во пенал сериите после регуларниот дел? Изучување на статусот на клубот, самоконтрола и пад на концентрација под притисок.

Книгата Twelve Yards е труд на новинарот Бен Литлтон за природата на пеналот. Во неа има цело едно поглавје посветено на разговор со Јордет и неговите научни трудови.

Психологот им објаснува на читателите дека повеќето пеналџии (особено неискусните кои се нашле на списокот кој го одредил тренерот) излегува на средба со судбината со нозе парализирани од нерви.

Поради тоа тие едвај чекаат што побрзо да завршат со шутот од 11 метри и многу од нив дури и се плашат да го погледнато голманот кој оддеднаш изгледа како џин.

Норвешкиот психолог Јордет изнесува две спасоносни стратегии:

Прво - да му завртиш грб на голот по крајот од мечот. Тоа можеби не е главна причина поради која се промашува пенал но бројките покажуваат дека: во 57% од случаевите Англичаните докажале дека голманот е најголема причина за страв кај нив, кај Холанѓаните голманот е само 17% причина за страв а кај Шпанците смешни 5%.

Второ - Да се избегне брза реакција по судиската свирка поради која се избрзува со шут.

Тука на Англичаните им нема рамни. Во серијата пенали тие секогаш си оставаат малку време и за нив судиска свирка е како истрел од сигнален пиштол пред старт во атлетика.

0,28 секунди е просечно време во кое англиски репрезентативец се залетува откако судијата ќе свирне. Литлтон пишува и дека Усеин Болт во просек стартува за 0,17 секунди по сигналот за старт. И двата случаеви се далеку побрзи од Германците. Зошто е тоа така најдобро ќе објаснат самите играчи.

Кога го промашил решавачкиот пенал во полуфиналето на Европското 1996 Гарет Саутгејт изјавил: „Сè што сакав е само да ја ставам топката во кругот и да го направам тоа“.

Авторот на фаталниот промашен пенал во 1990-та против Западна Германија на Светско првенство, Глен Ходл рекол: „Просто сакав што побрзо да заврши“.

Треба да се прочита и автобиографијата на Стивен Џерард, човекот кој ги шутираше сите пенали како играч на Ливерпул (44 гола од 54 обиди) додека не дошла серијата пенали на Светското 2006 против Португалија:

„Бев спремен но судијата Елисондо не беше. Дај свирни веќе! Проклет да си судија! Што чекаш? Ја ставив топката на белата точка, Рикардо стоеше на линијата. Зошто сум должен да ја чекам судиската свирка? Тие дополнителни пар секунди траат цела вечност и мене ми влијаеше. Што, тој не знае дека сум на ивица? Господе Боже! Вриштев во себе. На тренинг толку е лесно: намести топка, чекор назад, затрчај се, шут, гол. Никој не те чека. Никаков Елисондо. На крај конечно свирна но концентрацијата веќе ми пројде. Во моментот кога стигнав до топката знаев дека нема да полета таму каде што планирав. Топката отиде по средина и му ја олесни задачата на Рикардо. Одбрана. Кошмар“.

Уште поневеројатна е приказната на Џејми Карагер. Тоа попладне во Гелзенкирхен беше последно за Англичаните на Светското 2006. Стоперот на Ливерпул влезе во игра од клупата на две минути до крајот на продолженијата т.е. пред серијата пенали. Притоа Карагер последен пат ја местел топката на „кречот“ пет години претходно.

Хајлајтсите од пеналот на Џејми обично го покажуваат оној кој го промаши иако тој шутираше два пати. Прво даде гол, но Елисондо го поништи зошто Карагер се залетал уште пред судиската свирка.

А голманот на Португалија Рикардо раскажал како било се: „Карагер се сврте и уште пред да сфатам тој шутираше. Но знаев дека судијата не свирна така што просто мавтав со рацете. Судијата му се доближи и му кажа: „Чекај свирка!“. Го видов тогаш Карагер и помислив: ’Со тебе е готово, сега ти ја бранам’. Дечкото беше вцрвен, мозокот му вриеше, нервозен беше“. И Карагер утнал од втор обид.

Норвешкиот психолог Јордер советува: „Задршката од 5-10 секунди може да му натовари нови психолошки предизвици на играчот како што се претерано размислување за начинот на шут. Им препорачувам на играчите да земат уште еден здив и да чекаат пола секунда - секунда по судиската свирка. Тоа секако не гарантира сигурен гол но во крајна мера ќе ги избегнат грешките од многу фудбалери пред нив кои небрежно се залетуваат пред шутот. Една секунда може да помогне да се издише стресот.“

Еден од омилените примери на Јордет е промашувањето на Марко Ван Бастен на Европското 1992 година. Холанѓанецот во тој момент беше најдобар играч на светот и добар специјалист за пенали кои се движи неприродно побрзо од себе. Тогаш Шмајхел му го скротил ударот.

Англиската Федерација (ФА) барала од селекторот Саутгејт на играчите да им пушта видеа од изведените пенали на Кристијано Роналдо.

Тој во Премиер лига постигнал 11 гола од пенал од 13 обиди, во Примера 61 од 72 обиди и во Лига на шампиони 15 од 18. Скоро е совршен изведувач. Двата најпознати промашени пенали на Роналдо се во московското финале на ЛШ против Челси кога Чех беше многу спремен, и во 2012 против Баерн Минхен.

Хари Кејн сезонава реализираше 14 пенали од 17 шутирани во Премиер лигата. Во февруари годинава неговиот удар го одбрани голманот на Ливерпул Кариус но Хари се исправи во 95’ минута кога пак од пенал покажа дека има цврсти нерви. Втор стабилен пеналџија во репрезентацијата на Англија е Џејми Варди (10 од 12 реализирани во Премиер лигата), но тој има не баш мал проблем.

Варди има карактеристичен стил на шутирање, се затрчува брзо и бие силно по средина на голот (4 од 10 дадени биле такви). Варди ретко шутира по страна во агол па голманите го научиле напаѓачот на Лестер. На пример сезонава Симон Мињоле точно знаел како да го сочека Варди. Тоа сигурно ќе биде загатка за аналитичарите на репрезентациите на Светско.

Останати изведувачи во репрезентацијата кои во минатото шутираа пенали се Руни, Милнер и Бејнс (тројцата имаат вкупно 55 гола од пенал од 70 изведени во лигата а промашувањата на Вејн го расипуваат просекот). Но сите тројца веќе завршија со Англија.

Нивни наследници од белата точка би можеле да бидат Хендерсон, Деле Али и Стерлинг (сите по еден реализиран пенал сезонава во Премиер лига).

ЗОШТО АНГЛИЈА Е ТОЛКУ ЛОША НА ПЕНАЛИ?

„Притисокот е врзан со историјата: колку почесто губите сга, толку почесто ќе губите во иднина. Негативните фактори ќе останат а Англија е земја во која локалните медиуми редовно ги издвојуваат кривците“, вели норвешкиот психолог кој изучува се што е поврзано со пенали.

Влијанието на претходните серии на идните е една од главните тези на Норвежанецот Јордет. Во 2012 година тој заедно со колегите проанализирал 309 шута во пенал серии на Светски и Европски првенства и дошол до заклучок:

- веројатноста дека играчот ќе го реализира пеналот во серијата ако претходната ја изгубил е 72%. Ако поразот на пенали стане навика (минимум два пати по ред), реализацијата на идните пенали паѓа до 57%.

- една победа на пенали ги зголемува шансите за идна победа на пенали до 83% а две победи повеќе ја зголемуваат сигурноста до 89%.

Англија изгубила 5 серии по ред!

„Замислете си 9-годишно дете, да кажеме по име Ешли. Кога тој првпат ја гледал репрезентацијата на Англија на голем турнир таа испаднала на пенали. Тоа нему му оставило белег. Кога Ешли подпораснал и станал професионалец гледал уште два такви порази. Тој сега игра за својата земја а Англија уште е лоша во серијата пенали. Ешли станува сериозен играч, дава во серијата пенал за клубот но едноставно сознанието дека би можел да изгуби на пенали со Англија му прави тежина. Има 31 година и треба да шутира. Ќе промаши“, вели авторот на реномираната книга Twelve Yards Бен Литлтон кој го земал за пример бекот Ешли Кол.