ПСЖ игра финале на Куп против третолигаш кој се бори за опстанок

За тоа колку е фудбалот убава и непредвидлива игра покажува и вечерашното финале на францускиот Куп меѓу екипите на Пари Сен Жермен и Ербие, клубови кои се разделени повеќе од 50 места еден од друг во француската лигашка хиерархија.

Каква сензација направил третолигашот Ербие со историски пласман во финале на Куп говори и фактот дека годишниот буџет им е колку месечната плата на Нејмар во ПСЖ.

***

Пред пар викенди, Себастијан Флошон патувал да го гледа неговото прво финале на Куп сезонава. Тој бил меѓу почесните гости во ложата на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид каде играа Барселона и Севиља.

По убедлииот триумф од 5-0 на Барса, Флошон се симнал долу на теренот да прослави со неговиот најдобар другар Самуел Умтити.

„Научив неколку работи како се освојува Куп“, му се насмеал Флошон на Умтити кој бил негов домаќин и му обезбедил карти.

Како деца, Умтити и Флошон играле неколку важни финалиња заедно во академијата на Олимпик Лион каде ги поминале сите возрасни категории. Не мора да се потсетува дека Умтити, кој играше во финале на Европско првенство со Франција и сезонава освои двојна круна со Барселона, отишол многу подалеку од Флошон (25).

Но во вторник вечер Флошон му возвраќа со покана и влезници на својот драг другар од школските денови. Подвигот на Флошон е до толку поголем ако се знае дека со својот анонимен и мал клуб Ле Ербие стигна до финалето на Купот на Франција. И тоа против гигантот ПСЖ на меч кој ќе го гледаат 80.000 луѓе.

Тој капацитет е дури 16 пати поголем од капацитетот на нивното мало симпатично стадонче „Масабиел“ во градчето со 16.000 жители во западна Франција. Стадиончето „Масабиел“ било изградено во 1919 година и реконструирано во 2015-та кога клубот првпат во историјата се пласирал во трета лига. И ова е само детал од борбата на Давид и Голијат во Париз.

Пред финалето, Ле Ербие добил покана да престојува во Клерфонтен, базата на француската фудбалска репрезентација позната и како „Дворецот“.

„Мислам дека сум во собата на Гризман. Ми се оствари сонот, се спремаме за финалето во идеални услови“, вели капитенот Флошон.

Буџетите?

ПСЖ чии инвеститори и газди од Катар го презедоа клубот во 2011 година има годишен буџет од околу 500 милиони евра! Од друга страна Ле Ербие за кого играат полу-професионалци во третата лига благодарение на нивниот чудесен пат до финалето годинава ќе имаат буџет од 1,5 милиони евра (преку сила) а ако сензационално направат чудо и го освојат Купот, ќе земат повеќе од 2 милиони евра за триумфот.

Платите на играчите во Ербие не надминуваат 3.000 евра месечно а Нејмар којшто го сруши светскиот трансфер рекорд (222 милиони евра од Барселона минатото лето), месечно заработува и до 3 милиони евра без неговите независни комерцијални ангажмани.

За целата историја клубот потрошил на играчи не повеќе од 500.000 евра. ПСЖ толку евтино не купил играч од јануари 2008 година кога од Ле Авр дојде шпицот Гијом Оаро (и следната сезона стана најдобар стрелец на екипата).

Тренерот на Ле Ербие, Стефан Мазала

ПСЖ ги освои последните три изданија на Купот на Франција но ќе игра без Нејмар кој се опоравува од повредата пред Светското 2018.

Ербие во меѓувреме грчевито се бори за опстанок во третата француска лига - имаат 39 бода, само два повеќе од местото кое води во подземната четврта лига. За борбата да им биде потешка, во последното коло играат на гости против третиот Безие кој се бори за пласман во втората лига.

Патот на Ле Хербие до финалето на Купот: Де Кулаин (аматерска лига District Sarthe), Шатебриан (аматерска лига District Loire-Atlantique), Балма (аматерска лига District), Роморантин (4. лига), Ангулем (5. лига), Сент-Ло (5. лига), Оксер (2. лига), Ленс (2. лига), Шамбли (3. лига).

Капитенот на Ле Ербие, Себастијан Флошон

Францускиот Куп е како бајка во модерниот фудбал, па така капитенот на Ле Ербие Себастијан Флошон е доволно стар да се сеќава на финалето од 2000-та кога четвртолигашот Калаи изгубил од Нант. Или како пред девет години трофејот го освои второлигашот Генган.

Ајфеловата кула попладнево во боите и грбот на Ле Ербие