Првиот човек на Наполи: „Елмас сакаше постојано да игра, не сфаќа дека и првотимците не играат 90 минути“

Приказната меѓу македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и Наполи завршува. Некогашниот фудбалер на Работнички и Фенербахче може да се пофали како втор фудбалер од земјава кој освоил шампионско скудето со клубот на кој последна титула му донесе претходно големиот Диего Марадона.

Елиф Елмас оди во германскиот гигант РБ Лајпциг и овој трансфер би можел да биде супер избор од неколку аспекти. Прво, Лајпциг веќе неколку години е главен конкурент на неприкосновениот хегемон Баерн Минхен.

Сопственик на клубот е една од најголемите светски компании Ред Бул, тимот е составен од претежно млади врвни фудбалери кои од клупа ги води одличниот Марко Росе а играат на прекрасен модерен стадион.

РБ Лајпциг е осминафиналист во Лига на шампиони каде е редовен учесник веќе неколку сезони. Овој клуб за Елмас ќе плати 25 милиони евра и тоа ќе биде најголемиот трансфер за еден македонски фудбалер во историјата.

Наполитанците веќе го планираат Србинот Лазар Самарџиќ од Удинезе за негова замена, а се споменуваат и имињата на Емил Хојбјерг од Тотенхем и Мауриц Кјергард од РБ Салцбург.

Во интервју за Кориере дело Спорт, прво отворено во јавноста по турбуленциите во Наполи, претседателот Аурелио Де Лаурентис изнесе неколку интересни детали од клубот. Зборувал и за отпуштениот тренер Руди Гарсија и за сите потенцијални кандидат по Спалети кој им донесе титула.

„Кога го претставив, требаше да кажам: „Ви го претставувам новиот тренер, но сега ќе си замине“. Затоа што ми кажа дека не го познава Наполи и дека не изгледал никогаш ниту еден натпревар. Ми повтори дури неколку пати. Доволно ќе беше само да игра ист фудбал како Спалети. Напротив, запна да го отпуштам кондициониот совршен тренер за да донел друг“.

Де Лаурентис е познат како некој што нема „влакна на јазик“ и се зборува отворено и на прва.

„Прв со кој контактирав (за нов тренер) беше Тијаго Мота но тој не сакаше, затоа што товарот да наследи успешен тренер кој освои скудето бил голем на тој начин. И ако тргне на лошо што ќе правам јас, мислеше тој“.

По тоа зборувал со Луис Енрике, прославениот шпански селектор и тренер кој сега го води ПСЖ.

„Ме држеше три дена, ми бараше премногу пари. Скоро и да се договоривме, па после ми кажа дека не сака зошто планирал да заработи уште повеќе“.

За Нагелсман, сегашен селектор на Германија а поранешен тренер на РБ Лајпциг, Хофенхајм и Баерн Минхен:

„Се консултирав и со него, и со пет-шест не повеќе тренери и на крај стигнав до Гарсија. Во Италија тој освои две втори места со турбулентни соблекувални полни со одлични играчи“.

За продажбата на Елиф Елмас во РБ Лајпциг:

„Елмас е веќе продаден. Тој е еден од оние што сака секогаш да игра, не сфаќа дека дури и првотимците не играат 90 минути“. Во врска со Полјакот Зелински кој одби неверојатни милиони од Саудиска Арабија само за да остане во Неапол, Де Лаурентис вели: „Ќе видиме. Разговараме. Тој вели дека сака да остане во Наполи цел живот, но од речено до сторено има многу“.

Газдата на Наполи чиј син е директор во клубот е на удар на италијанските медиуми дека се повеќе се меша во спортскиот сектор и дека тој лично учествува во изборот на нови засилувања, а дека се помалку го слуша ставот на струката, тренерите, скаутите...

Голем дел од тие „негови“ засилувања беа дел од првиот тим за мечот од 1/8 финале на Куп на Италија на кој Наполи претрпе историски дебакл 0-4 од Фрозиноне.

22 декември 2023 - 12:25