Тимот на Антонио Конте сезонава демонстрира неверојатна нестабилност: Интер може да победи кој било ама може и да изгуби од кој било. Се изнагубија бодови од просечни екипи.
По рестартот екипата на Интер не успеа да го реши овој проблем со нестабилноста, изгуби од Наполи иако беше подобар, изгуби драгоцени бодови од Сасуоло иако х пати водеше на мечот (3:3).
Во неделата вечер тврд орев се покажа и Болоња предводена од сјајниот Синиша Михајловиќ. Клубот од Емилија Ромања после долги години се бори за излез во Европа.
Ги чекаше голем испит, гостување на „Сан Сиро“ каде Интер пред само неколку дена ја згроми Бреша со 6:0 (меч на кој гол даде дури и Алексис Санчез после долго време).
На Болоња не ѝ се даваа големи шанси, а уште кога во 57' минута при резултат 1:0 за Интер (Лукаку), црвен картон доби Роберто Соријано, се чинеше дека тука е крајот. Но после Лаутаро утна пенал за да ја запечати победата и тука почна циркузот.
Болоња постигна два шокирачки гола и освои 3 бода после голем пресврт. Интер изгуби драгоцени бодови во трката со Лацио за второ место.
МУСА - БЕГАЛЕЦ ОД ГАМБИЈА ГО РЕШИ МЕЧОТ
Интересно, првиот гол го постигна 19-годишниот полушпиц на Болоња Муса Џувара којшто има просто неверојатна животна историја.
Муса е Гамбиец. На 14 години во преполн гумен чамец едвај успеал да го помине цело Средоземно море и да се закотви на Сицилија. Дошол без родителите. Веднаш го упатиле во бегалски камп во Руоти, мало градче меѓу Неапол и Бари на југот.
Муса Џувара тамо почнал да тренира во локалниот клуб Виртус Авиљано, а дома го земал тренерот Витантонио Сума и жена му Лоредана Бруно кои се грижеле за него.
Младиот Гамбиец се одвојувал од сите други деца со својот талент па привлекувал и многу публика на стадиончето. Првата понуда ја добил од Киево. Клубот од Верона спремил убави пари за него, но Муса рекол дека првиот совет што го добил од дедо му кога тргнал на пат бил: учи школо.
Тогаш од Киево решиле да му понудат компромисна варијанта: и да учи во школо во Верона и да тренира и игра. Муса прифатил но трансферот го блокирал фудбалскиот сојуз на Италија. „Муса патеше од депресија и со сите сили се обидовме да му објасниме дека тоа е бирократија“, му рекле родителите кои го посиниле во Италија.
Но семејството решило да го истера случајот до крај и се обратило кај искусниот адвокат Риго којшто добил слични случаи против федерацијата. Го дале сојузот на суд во Потенца (регион) и правникот успеал да го добие случајот па Џувара можел да се сели во Киево во Верона.
СЕ ДОКАЖУВА НА ГОЛЕМА СЦЕНА, ПОСЕДУВА НЕВЕРОЈАТЕН ТАЛЕНТ
Веќе во 2018-та година бегалецот Муса Џувара го спремале за првиот тим на „Летечките магариња“. Еднаш се нашол на клупата за резерви (судбински во меч против Болоња), но на теренот за првата екипа се нашол дури на крајот од сезоната 2018/2019. А летото 2019 го купи Болоња.
Својот прв голем испит го имал за прв тим на Болоња на меч против Рома (2:3). Заигра рамо до рамо со неговиот сонародник Муса Бароу со кого синоќа го кутнаа Интер на колена среде „Џузепе Меаца“ во Милано.
КАКО СЕ РЕШИЛ ЗА БЕГСТВО ОД ГАМБИЈА?
Во африканските земји во кои владее сиромаштијата е мошне тешко да се најде добро платена работа која ќе биде во рамките на законите.
Во 2015-та година претседателот на Гамбија Јаја Џаме (претседател од 1996-та) објави дека Гамбија станува Исламска република. Но после две години изгубил на избори кои диктаторски не ги признал и се обидел да организира нови.
Ова испровоцирало масовни демонстрации и упад во земјата на трупи од коалицијата на Западноафриканската економска унија која што ја предводи Сенегал.
Цела Гамбија била под оружје, освен еден пристап до брегот. Два месеци подоцна претседателот Џаме бил принуден да ја предаде власта и да ја напушти земјата.
Но Гамбија и натаму остана една од најгусто населените африкански земји каде цвета кршење на човековите права (според Светската здравствена организација околу 75% ид жените во Гамбија се подвргнати на насилство), а редовно се апсат и активисти за заштита на правата на жените и слично.
Гамбија е една од најсиромашните земји на светот. Според рејтингот на Меѓународниот монетарен фодн, Гамбија е на 159-то место а на листата на Светска банка е на 166-то место на листата најсиромашни држави.