Во морето на вести кои се бркаат едни со други на интернет, има и една неодамнешна од март 2021-ва за едно младо момче, избркано од фудбалски клуб поради неговото презиме.
Се презива Сантапаола, а тоа во Италија не е било кое презиме. Инаку се вика Пјетро, а во 2021-ва има 17 години со голема желба да игра фудбал, сон за кој мечтае.
Се работи за талентирано дете кое од најмали нозе ја брка топката, а позицијата му е класична 10-ка, веднаш зад напаѓачите, како Тоти.
Почетоците ги прави во Месина, а потоа оди во Ликата, за потоа да добие повик и во младинската репрезентација на Серија Д.
Кариерата на тие години може да му се развие или да престане, како што им се случува на многу играчи на негова возраст. За првото може да пресуди еден гол, а за второто тешка повреда.
Кај него, за негова жал, проблем е презимето Сантапаола и семејното стебло што тоа презиме го носи со себе. Пјетро е внук на Нито Сантапаола, еден од најмоќните и најжестоки мафијашки босови во Италија.
Нито е човек кој ја одбележал црната историја во Италија. Го нарекуваат „Ловец“, но исто така и „Врколак“.
Израснал во селото Сан Кристофоро во Катанија. Почнал како коцкар, а во раните 90-те стартувало неговото неодоливо искачување на врвот на сицијалијанската мафија.
Од обичен војник на Коза Ностра брзо станал шеф, еден од најопасните. Во неговото досие стојат убиства, масакри, криминални дела. Тоа е Нито Сантапаола. Во затвор е од 1993-та, а денес има 85 години.
Меѓу казните кои ги издржува е и онаа за масакри на виа Капачи каде загина познатиот судија Фалконе, кој ја гонеше сицилијанската мафија. По мачниот судски процес, во 2008-ма пресудијата против него стана правосилна.
Но, оваа сторија не е за него, туку за неговиот вкун Пјетро. Во јануари 2021-ва, пристигнал во Козенца, со големи амбиции, после неговото калење во аматерска конкуренција. Тоа за него била голема можност за градење кариера.
Козенца тогаш играше во Серија Б и ако Пјетро биде на вистина на задачата, ќе има можност да биде забележан и кој знае, можеби ќе добие повик во прв тим.
Во меѓувреме тренира со Примавера, но само неколку недели. Веќе во март, Козенца го исфрла од тим. Причината, неофицијално е позната. Пјетро е внук на Нито и син на друг осуден криминален. Неговиот татко, бил првостепено осуден на 12 години затвор под обвинение за мафијашко здружување.
Официјално, клубот тврди дека се работи за тренерска одлука, како што знае да се случи често во фудбалот. Но во овој случај, причините се други. Веста предизвикува голема врева и се крева голема медиумска возбуда.
Адвокатот кој го брани Пјетро, поднел жалба и ги обвинил претседателот на Козенца и шефот на младинскиот сектор за мобинг. Пјетро застанува и повеќе не може да тренира, а во емисија кажува дека е уништен.
Потоа тврди дека не знае ништо за криминалната кариера на неговиот роднина и убеден е дека татко му е невин.
Така останува надвор од терените и соиграчите, а тоа го убива психолошки. Во Месина, градот во кој е роден се појавува транспарент: „Клеветен поради презимето, Пјетро Сантапаола е вистински шампион“.
Поминуваат три недели и под притисок од јавното мислење, како и новинарските извештаи, Козенца го враќа во тим младиот Сантапаола.
Но случајот влегува во суд, а луѓето од Козенца по поднесените жалби се ослободени од обвинение. Потоа Пјетро се враќа да игра во аматерска конкуренција.
„Ја прифатив понудата со голем ентузијазам и едвај чекам пак да заиграм. Сакам да го дадам цел мој придонес за да стигнеме далеку. Мафијата ме згрозува“, вели Пјетро, кој се труди да докаже дека неговата приказна е чисто фудбалска.